Филмот се занимава со една од најризичните миграциски рути кон Европа, која, според авторите, започнува на атлантскиот брег на Западна Африка, во Мавританија, го преминува океанот до Канарските Острови – шпанска територија во Атлантикот, вклучувајќи го островот „Ел Ијеро“, а потоа продолжува кон континентална Шпанија, Франција и Обединетото Кралство.
Во филмот оваа рута е опишана како организиран канал на масовна миграција, во кој клучна улога имаат мрежи на криумчари. Карлсон наведува дека превозот се наплатува по десетици илјади евра по пловило и дека станува збор за опасно патување кое секоја година одзема голем број животи. Посебен акцент е ставен на структурата на мигрантите, како и на безбедносните и социјалните последици за земјите што ги примаат.
Документарецот го следи движењето на мигрантите од регионот Сахел и Магреб, како и од одделни делови на Западна Африка и Блискиот Исток. Карлсон изнесува тврдења дека западните влади, како и одредени меѓународни организации и невладини структури, не само што не ги спречуваат нелегалните преминувања, туку, според неговата интерпретација, логистички и финансиски ги олеснуваат. Во тој контекст се споменува „International Organization for Migration“ (Меѓународна организација за миграции – IOM), агенција на системот на Обединетите нации која се занимава со миграциски прашања, како и други хуманитарни организации активни долж рутата.
Филмот содржи снимки од терен, интервјуа со мигранти и изјави од соговорници кои зборуваат за мотивите за заминување, начинот на преминување и улогата на посредниците. Карлсон овие искази ги толкува како доказ дека миграциите не се исклучиво хуманитарен феномен, туку дел од поширок политички и економски процес кој, како што тврди, има длабоки последици врз социјалната кохезија, пазарот на труд и безбедноста на европските општества.
Авторите на филмот наведуваат дека за време на снимањето се соочувале со притисоци и инциденти, вклучително и напад врз членови на екипата во Париз. Овие настани во филмот служат како илустрација, како што оценува Карлсон, за нарушениот јавен ред и ограниченото дејствување на институциите во одделни западноевропски градови.
Како поранешен долгогодишен водител на Fox News, Карлсон продолжува со критиката на миграциската политика и дебатите за идентитетот и интеграцијата. Посебно се осврнува на Шпанија, Франција и Германија, истакнувајќи го нискиот наталитет на домашното население, предизвиците на интеграцијата и растечките тензии во урбаните средини. Критичарите на филмот предупредуваат дека Карлсон користи селективни податоци и драматизација, додека неговите поддржувачи тврдат дека документарецот отвора теми кои, според нив, се потиснати од главните медиуми.
Филмот е достапен исклучиво преку претплата на веб-страницата tuckercarlson.com и од објавувањето предизвика силни реакции на социјалните мрежи, особено на платформата X, каде што се водат интензивни расправи за миграциската политика и иднината на Европа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата