Ако некогаш сте се запрашале кога луѓето се чувствуваат најдобро, неодамнешното големо истражување покажа дека е наутро. И иако оваа информација не е премногу изненадувачка, истото секако не може да се каже за денот во неделата кога луѓето се најсреќни.
Истражувањето го потврди и она што многумина веруваат, а тоа е дека луѓето се чувствуваат посреќно и подобро во текот на летните месеци отколку во зимскиот период, пишува N1.hr.
Експертите ги анализираа податоците собрани од 49.218 возрасни лица како дел од социјалната студија на Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) за Ковид-19, која ги следеше испитаниците од март 2020 до март 2022 година.
Резултатите покажале дека луѓето генерално се будат „чувствувајќи се исклучително добро, најдобро“, но до полноќ постепено се чувствувале полошо, и тогаш „се чувствуваат најлошо“.
Научниците исто така открија дека „постои врска помеѓу доброто расположение и одреден ден во неделата, а тие имаат особено силни докази дека луѓето се чувствуваат подобро и психички и физички во текот на летото“.
Резултатите од истражувањето британските научници ги објавија во стручното списание BMJ Mental Health, со заклучок: „Генерално кажано, работите изгледаат подобро наутро“.
Британските истражувачи веруваат дека студијата покажува дека промените во менталното здравје и благосостојбата во текот на денот може да се објаснат и со физиолошки промени поврзани со телесниот часовник.
„Кортизолот, или хормонот чија најважна задача е да обезбеди доволно енергија во моментите на интензивен стрес бидејќи го регулира расположението, мотивацијата и стравот, го достигнува својот врв веднаш по будењето и е најниско кога е време за спиење“, заклучуваат тие.
На овој ден луѓето се најсреќни
Научниците, исто така, забележаа дека менталното здравје на повеќето испитаници беше предмет на промени во текот на викендот, но работите станаа постабилни во текот на неделата.
За студијата, научниците ги следеа флуктуациите во менталното здравје на учесниците во студијата (на пример, симптоми на депресија и/или анксиозност), флуктуации во чувството на среќа, задоволство од животот, чувства дека животот вреди и флуктуации во чувството на осаменост.
Испитаниците одговараа на прашалници кои вклучуваа прашања како што се: „До која мера се чувствувавте среќни минатата недела?“, „Колку сте задоволни од вашиот живот и „До кој степен мислите дека вредат работите што ги правите во животот?
Беа земени предвид факторите како возраста, здравствената состојба и дали луѓето се вработени.
Резултатите покажаа дека оценките за среќа, задоволство од животот и животна смисла биле повисоки во понеделник и петок отколку во недела. Во исто време, се покажа дека испитаниците одговориле дека се најсреќни во вторник.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата