logo
logo
logo

Белгија сепак ќе учествува на Евросонгот 2026 во Виена

Vecer | 06.12.2025

Белгија сепак ќе учествува на Евросонгот 2026 во Виена

Со ова се стави крај на дилемата околу учеството на Белгија на Евросонгот по одлуката на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) во четвртокот да му дозволи на Израел да учествува на натпреварот.

Веднаш по ваквата одлука на ЕБУ, Ирска, Словенија, Холандија и Шпанија објавија дека нема да учествуват на натпреварот, додека Белгија, Исланд и Португалија најавија дека ќе решаваат за своето учество во „наредните денови“.

Откажувајќи го учеството на Евросонгот, холандскиот јавен радиодифузен сервис НПО соопшти дека „учеството под сегашните околности е некомпатибилно со јавните вредности што се од суштинско значење за нас“.

Од друга страна, пред гласањето во ЕБУ за израелското учество, Германија се закани дека ќе се повлече од Евросонгот во Виена, доколку на Израел не му биде дозволено да учествува на натпреварот.

Потврдувајќи го учеството на Белгија на Евросонгот, РТБФ соопшти дека на состанокот со ЕБУ било побарано од европскиот радиодифузер да изврши притисок врз Израел за да обезбеди меѓународните медиуми да можат независно да известуваат за ситуацијата во Газа.

- Неопходно и итно е да се гарантира безбеден пристап за новинарите до Газа, исто како што е потребно да се поддржи воспоставувањето независен палестински медиум и да се продолжи со поддршката на независноста и автономијата на израелскиот јавен радиодифузер, се наведува во РТБФ.

Вториот белгиски јавен радиодифузен сервис ВРТ, пак, соопшти дека и покрај притисоците, ќе го пренесува Евросонгот.

Белгија има два радиодифузен сервис – Белгиска радио-телевизија на Франкофонската Заедница (РТБФ) и Фламанска радио-телевизија (ВРТ). Двата сервиса се полноправни членки на ЕБУ, со што имаат право да учествуваат на Евросонгот. Но, бидејќи правилата на натпреварот дозволуваат само по еден учесник од секоја земја, двата белгиски сервиси наизменично ја претставуваат Белгија на Евровизија и тоа ВРТ во непарните, РТБФ во парните години.

По најавата на РТБФ се огласи синдикалната организација на Конфедерацијата на христијанските синдикати при ВРТ (АЦВ-ВРТ), со барање телевизијата да не емитува пренос од Евросонгот.

- АЦВ-ВРТ е длабоко загрижена поради хуманитарната ситуација во Појасот Газа и на Западниот Брег, каде актуелните бомбардирања, блокадите и строгите ограничувања на основните услуги, првенствено влијаат врз цивилното население. Не можеме и не смееме да го игнорираме ова страдање на луѓето. Поради ова, АЦВ-ВРТ бара од ВРТ да го откаже емитувањето на евровизискиот натпревар сè додека трае оваа хуманитарна криза, се додава во соопштението на синдикатот.

Синдикалната организација посочува дека јавниот радиодифузен сервис има „не само забавна мисија, туку и општествена одговорност“.

- Кога милиони луѓе гледаат, уште поважно е да им се обезбеди точен контекст и увид, наведе АВЦ-ВРТ, додавајќи дека нивното барање претставува „повик за храбро, транспарентно и независно новинарство“.

Во целата приказна се вклучија и неколку партии кои побараа Белгија да се повлече од Евросоногот, откако беше потврдено учеството на Израел. Вакви повици упатија бинационалната екстремно левичарска Работничка партија на Белгија (ПТБ/ПВДА), двете еколошки партии фламанската Зелени и валонската Еколо и десноцентристичката Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ). Фламанската социјалдемократска партија Напред (Вуројт), пак, оцени дека „ќе биде подобро ВРТ да не го емитува“ Евросонгот. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk