Познатиот македонски џез-музичар Владимир Василевски-Четкар во интервју за МИА вели дека медиумите треба да имаат главна улога во градењето на рафинираниот вкус за музика и уметност во целина, особено кај младите. За турбофолкот, вели дека е нешто за што државата треба да има механизми за да го заштити ситемот на вредности, но и рафинираниот вкус.
– Ние се ограничивме, медиумите не се доволно сериозни во овој поглед. Не се доволно сериозни оти со сервирање само реални шоуа го дисторзираат процесот на станување уметник. Не може дете да стане ѕвезда, без да научи кој е трнливиот пат, да се челичиш и да станеш уметник. Тие не сфаќаат дека за две-три години 99 отсто од нив ќе бидат заборавени, вели тој.
За сѐ поприсутното создавање музика со вештачка интелигенција, вели дека тоа не е ново, туку се правело и порано со цел да се зголеми продукцијата, но, сепак, верува дека вистинската уметност ќе остане заштитена.
-Тоа е долг процес и не почна само со појавата на вештачката интелигенција. Почнато е уште порано. На пример, музичари како Принс, Џорџ Мајкл и други, постојано биле во конфликт со своите музички куќи токму поради тоа што имале порака, став, содржина во нивната уметност, а на музичките куќи им требало брза заработка, нешто што тие го размислувале од тотално друг агол за разлика од артистите. И дури сфатиле дека ним им е потребна фигура уметник толку желен за успех што не му е грижа воопшто дали е тоа вистински уметник или не. И така пополека со тие компромиси се најдоа многу празни бендови и уште од 90-тите и 2000-тите години, кои ги слушаа командите од музичките куќи. Меѓутоа, тоа се префрли на целата индустрија, во општеството што слуша и сака музика. Се уништија тие грандиозни снимања со студиски оркестри, вели Четкар.
Сепак, тој верува дека иако тие може навистина да се импресивни во своите моментни имитации, сепак далеку се од оригиналниот звук.
– Компјутерот нема срце што чука како нашето, секој удар е поинаков. Тие чукаат во семплови, во перфекција и самиот тој факт драстично се разликува од неа, од тој почеток, така што вистинската уметност ќе си остане заштитена, вели Четкар за МИА.
Четкар вели дека има младина што малку повеќе инвестира во својот вкус и во својата надградба од културен аспект, а за неговата публика наведува дека е публика што е лојална и има многу рафиниран вкус.
Според него, турбофолкот е нешто за што државата треба да има механизми за да го заштити системот на вредности, но и рафинираниот вкус.
-Мора да се сфати сериозно дека музика што сервира некои такви евтини пораки и толку евтино звучи е исто како да јадеме брза храна, нездрава храна, исто како најлошата дрога. Каква било дрога е лоша, нормално, меѓутоа младината духовно ќе се оштети целосно. Меѓутоа, мораме да направиме стратегија, при што таква евтина хиперпродукција би била забранета да се слуша. И тоа сериозно забранета на места кои се во какви било централни јадра, стари јадра, места на кои треба да се развива љубовта кон тој урбан софистициран живот, таа архитектура, социјално дружење, да немаме допир со турбофолкот, кој е роден во време на војна. И ако ние тоа го славиме, ако ние денес ги славиме тие ликови, кои ги уништија државата и Балканот, а не се инспирирани од луѓе што го промениле светот со придонес кон медицината, кон науката, кон уметноста, вели Четкар.
Четкар вели и дека интелектуалецот не го прави дипломата.
– Интелектуалец си само ако си ренесансен човек, ако имаш познавања, покрај твојата стручна професија, и во многу други сфери, како што навистина биле луѓето од ренесансата, за да можеш да дискутираш и да имаш суд, појасен чист суд што е добро, што е лошо. Како специјализиран во својата струка ти може да си најдобар доктор, а да слушаш турбофолк. Е тоа е парадокс. Значи, не смее тоа да се дозволи. Мораме да имаме и кај возрасните и кај младите една генерална едукација, со што ќе ги научиме поуниверзалните вредности, наведува Четкар.
За него ќе остане врежана мислата на неговиот идол Квинси Џонс, кој рекол: „Кога ќе влезеш во студио, не влегуваш со идеја ‘сега ќе направам хит’, туку ќе влезеш во студио да оставиш вистински дел од својата душа и тие чувства да останат засекогаш врежани во композицијата, во таа снимка“.
Владимир Четкар е македонски џез соул-фанк гитарист, вокал, композитор, аранжер и продуцент од Охрид, со меѓународна кариера. Настапувал во САД, Јужна Кореја, Јапонија и во многу европски земји. Настапувал на големи фестивали – „Нишвил“, Java Jazz, Hong Kong Jazz Festval, Penang, Blue Note Jazz Festival, Sziget… Настапувал и на настани, како „Експо Осака 2025“, каде што неговиот настап беше дел од програмата за Денот на независноста на Македонија. Има издадено неколку студиски албуми, а најновиот е со наслов Let Us Be.
Следува видеоинтервјуто во целост.
Може ли најпрвин да ни кажеш за твоите постигнувања во годината што измина, 2025, на музички план, кои ти се плановите за 2026 и каде може да те види публиката за празниците, како и за твоите планови за турнеи во 2026?
-Па 2025 година ми беше една од најубавите досега во кариерата, токму поради тоа што го издадов најновиот студиски албум Let Us Be, кој е веројатно најсофистицираниот музички израз од мене досега. И сниман е со студиски оркестар во Чикаго, во Милвоки и едитиран во Њујорк. Во овој проект учествуваше една пообемна музичка група, а албумот се издаде во Јапонија преку P-Vine, потоа насекаде во светот. P-Vine Records е една од најпознатите јапонски музички куќи, која ме поддржува од 2011 година до ден-денес и во Азија навистина имам еден убав моментум. Меѓутоа, имав и неколку турнеи во САД, од источниот брег, Мидвест до западниот брег, како и во Европа. По подолго време, имав и неколку настапи во Унгарија. И, нормално, и во Македонија сум присутен, одвреме-навреме со некои интересни концепти со мојот стандарден македонски бенд од седум музичари, со кои најмногу соработувам тука. Имав турнеја во Јапонија, свирев во Кјото, во Осака…
Имав динамична година и сега сум дома и за празниците, по подолго време, ќе бидам присутен дома. И сакам така, во домашна атмосфера, со пријателите, со фамилијата, ќе ја поминам цела зима по можност со одмор и да почнам да работам пополека на некои нови проекти во 2026 година. Ќе имам повеќе проекти, повеќе турнеи, ќе имам доста ремикси. Многу продуценти ја ремиксаат мојата музика, што е исто еден интересен момент кај мене. Светски имиња, како Dr. Packer, Dimitri from Paris, Dave Lee, Joey Negro и Mousse T. и така натаму. Музичари што на некој начин, иако јас работам жива музика и тоа е една фузија помеѓу џез, диско и фанк, преку нивната модерна електронска продукција ме експонираат пред публика пред која јас обично не би се експонирал. И тоа е интересен момент кај мене, така што работам исклучиво авторска музика како комплетен композитор, аранжер, продуцент и сум многу исполнет од целата оваа работа.
Што влијаеше кај тебе да се развие љубовта кон џез-музиката и како дојде до тоа да заминеш за Америка?
– Па љубовта кон џез-музиката… Како секое дете, она што го слушале родителите и јас го слушав по малку. Тие слушаа од староградска музика, тајфите на Садило, Климе Садило, до Creedence Clearwater Revival, Tina Turner, Michael Jackson, The Crusaders. И така јас полека преку нив, преку тие албуми на The Crusaders, Michael Jackson, уште како мал имав афинитет да ги забележувам деталите во музиката, а не само како типично што би забележал некој – мелодијата и пеењето. Јас ја слушав целата таа музика, тоа ми дојде некако природно, работа во песната, што е да кажам вертикалниот дел од песната, а тоа е аранжманот, таа длабина. Така што јас се заинтересирав кој е овој што ги прави, читам тука виолини, снимени, аранжирани од Квинси Џонс (Quincy Jones), аранжирани од Патрик Адамс (Patrick Adams) и така натаму. И почнав да навлегувам во тој свет, не само на слушање артисти туку на целата таа продукција. И така полека преку тие албуми го најдов Џорџ Бенсон (George Benson), па кога почнав да ги слушам покомерцијалните албуми на Бенсон, преку неговата уникатна, колосална фигура во светот на џез-гитарата, навлегов и ја засакав гитарата. Иако првин почнав да свирам виолина, потоа самоук почнав да свирам гитара, па сериозно, па сѐ посериозно… И тогаш морав да заминам, немаше институција во Македонија во која би го изучувал џезот, така што заминав во Умбрија, во Перуџа, првин на аудиција, така бев примен и така заминав во Бостон да студирам на колеџот за музика „Беркли“ (Berklee College of Music).
Имаш настапувано во многу делови во светот – Јапонија, Јужна Кореја, Америка… Можеш ли да направиш споредба со публиката во тие делови од светот во кои имаш настапувано и во Македонија. Колку Македонците навистина го сакаат џезот? Дали има вистинска џез-публика овде?
-Јас кога растев, кога сѐ уште бев во Македонија, имаше доста квалитетна музика, која се пушташе насекаде, еве да речеме конкретно во Охрид, имаше места, како „Мецо форте“, „Аквариус“, „Џез ин“… Сѐ уште е така. Имаше дискотеки и насекаде се пушташе, беше во тек со светот и со класиците што беа од 70-тите, 80-тите години, New Wave… Значи, луѓето, сакале или не, беа едуцирани преку овие кафулиња. Уште повеќе во Скопје. Имаше многу ликови со кои сѐ уште сум многу добар пријател, кои се фанатици за тој фанк, за тој џез и кои го следеле тоа. Е, сега, тие места исто дејствуваат како некои едукативни центри, кои, за жал, сега веќе не постојат. И горе-долу со дел од оваа публика и дел од денешната, овој дел од младината, која сепак малку повеќе инвестира во својот вкус и во својата надградба од културен аспект, имам публика што навистина е многу лојална и има многу рафиниран слух. Сега некои ќе залетаат, меѓутоа ќе се експонираат на тоа и ќе речат: „Еј, ова не било толку лошо, интересно е“. И тоа ми е најголема сатисфакција кога некој таков успевам позитивно да го заведам со музиката и да се навлече на нешто друго, надвор од тоа што го слушаат масите во моментот, што е, за жал, многу лошо, меѓутоа така е генерално во светот, не е само кај нас исклучок тоа.
Многу е зборувано за турбофолкот и за неговото влијание, особено меѓу младите. Според тебе, доколку имаш некое влијание и моќ, како може да се влијае за младите, да речеме на некој начин, да се образоваат да слушаат поквалитетна музика?
– Па со тие некои механизми што треба да ги воспостави државата за да се заштити тоа ниво, тој систем на вредности што го имавме за време на Југославија, дефинитивно, и во почетокот на независна Република Македонија. Сѐ уште имаше еден, така да кажам, пософистициран свет, кој не беше загаден од она што подоцна, за жал масовно се рашири. И од многу причини, и политички, и од причина на изолација, и од причина на влијание… Така што, мора да се направат културно-образовни програми. Мора да се сфати сериозно дека музика што сервира такви некои евтини пораки и толку евтино што звучи е исто како да јадеме брза храна, нездрава храна, исто како најлоша дрога. Каква било дрога е лоша, нормално, меѓутоа младината потполно духовно ќе се оштети.
И тоа е огромен проблем бидејќи јас сум слушал тинејџери и пред тинејџерска возраст како слушаат такви одвратни изопачени турбофолк-песни со такви пораки, што мене ми е тоа апсолутно вознемирувачки. Тоа се масите. Сократ рекол „Ако сакаш да погрешиш, треба да ги следиш масите“. Значи тоа сакам да кажам, секојпат било така. И во времето на гладијаторските битки во Колосеумот во Рим народот бил забавуван и заведен со евтина, лоша, површна забава, што не треба да се стремиме кон тоа ако сме навистина хомо сапиенс, ако навистина се разликуваме од животните, ако сме интелигентни суштества со емоции, со софистицирани чувства.
Мораме да се бориме како за здравјето на телото така и за здравјето на душата. И тоа би требало од врвот, од државата, од нив, од Министерството за култура или кои било други сегменти од општеството во кое живееме, да направиме стратегија како младите да ја изучуваат повеќе историјата на уметност, на интересен начин за нив, на пристапен начин за нив.
Тука можеме да бидеме креативни и да видат дека има толку прекрасни работи и во класиката, и во популарната музика, и во сликарството… Да видиме дека децата што имаат потенцијал не можеме ни да ги најдеме сега. Немаме начин како да се издвојат од толпата, некои што би биле генијални сликари, генијални скулптори, и во сите други сфери да не зборуваме само за музика. Меѓутоа, мораме да направиме стратегија во која таква евтина хиперпродукција би била забранета да се слуша. И тоа сериозно забранета на места што се во какви било централни јадра, стари јадра, места на кои треба да се развива љубовта кон тој урбан софистициран живот, таа архитектура, социјално дружење, да немаме допир со турбофолкот, кој е роден во време на војна преку воени криминалци, преку наркодилери. И ако ние тоа го славиме, ако ние денес ги славиме овие ликови, кои ги уништија и државата и Балканот, а не се инспирирани од луѓе што го промениле светот со придонес кон медицината, кон науката, кон уметноста… дека буквално веќе не знаат кои се, младите, ако прашаш, не знаат ни во поп-културата од 90-тите години кои беа главни ѕвезди, а камоли сега да зборуваме за Рахманинов, Стравински, Мајлс Дејвис или како било…
Значи, мораме тука да се запрашаме себеси. Што е тоа, возрасните се чувствуваат дека се интелектуалци, а ако нивните деца тоа го прават… Не си ти интелектуалец со завршена диплома. Интелектуалец си само ако си ренесансен човек, ако имаш познавања, покрај твојата стручна професија, и во многу други сфери, како што навистина биле луѓето од ренесансата, за да можеш да дискутираш и да имаш суд, појасен чист суд за тоа што е добро, а што е лошо. А како специјализиран во својата струка, ти може да си најдобар доктор, а да слушаш турбофолк. Е тоа е парадокс. Значи, не смее тоа да се дозволи. Мораме да имаме и кај возрасните и кај младите една генерална едукација, при што ќе научиме поуниверзални вредности.
Кога сме веќе кај младите, што би им порачал на младите што сакаат да го остварат својот сон надвор од Македонија, како што е во твојот случај? И која е жртвата што треба да се понесе за успехот?
– Првин што би им порачал, таа завеса од Балканот, од Бугарија, од Србија, од Хрватска и сѐ околу нас… како да ја спуштат малку, да видат дека ние реално од соседите постојано сме имале проблеми. И дали од културен аспект, од каков било аспект, од политички, сме имале некакво влијание, некакви притисоци. И само така, ако се поврземе меѓу себе, како една платформа, да се пронајдат сличните на сличните – зборувам во позитивна смисла, Similis simili Gaudеt (сличното на слично се радува) – и така заедно да си работиме и да го гледаме, како што рекол Гоце Делчев, светот како поле за активности. Европа, па Европа е мала, може и Америка, може и Азија. Значи, можеме сите ние тоа да го правиме доколку имаме фокус и доколку сфатиме дека не смееме да одиме по линија на помал отпор. Одењето на помал отпор е исто како да правиш кариера во Србија или Хрватска. Зошто да пееш на друг јазик? Јазикот со кој цел свет комуницира денеска е, генерално, англискиот и тоа е така. Дали си работел во Кина, дали си работел во Индија, дали си работел во Италија…
Сакам да кажам, има работи што мораме да ги прифатиме за да бидиме активни, меѓутоа како македонски композитори, како македонски артисти и спортисти. Веќе имаме многу добри спортисти, меѓутоа, генерално, уметноста е постојано нешто што е најкревко кај нас, а е најголема духовна храна. И ако не можеме да одиме во Њујорк и да видиме таму македонски бенд што свири во сериозно признаена дестинација, локација или во која било метропола во светот, во Сеул… не сме работеле доволно. Така што, јас цел живот, јас сум бил така воспитан од мајка ми и од татко ми, да сум борец и да сум достоен на она што го работам до крај, без компромиси. И мислам дека тоа е, всушност, државотворниот елемент кој ни недостига како народ. Генерално, зборувам за сѐ. На пример, кога велат: „А бе кој ќе те слуша, публика нема да најдеш“. Ќе најдеш публика! Не мора да ја бараш во Македонија во Србија, во Хрватска, во Бугарија. Ќе ја бараш во Унгарија, ќе ја бараш во Австрија, ќе ја бараш во Англија, ќе ја бараш во Полска, во целиот свет! Имаме толку места за работа, е тука, да, како што направиле Италијанците. Тие да ни се пример, го завеле целиот свет со нивната храна, нивната музика, нивната ренесанса. И многу други примери имаме во светот, еве Корејците сега со тој неверојатен корејски бран на козметика, на технологија, на уметност, на филмска индустрија.
Ние се ограничивме, медиумите не се доволно сериозни во овој поглед. Не се доволно сериозни оти со сервирање само реални шоуа го дисторзираат процесот на станување уметник. Не може дете да стане ѕвезда, без притоа да научи кој е трнливиот пат да се челичиш и да станеш уметник. Не можеш преку ноќ, за две-три години, 99 отсто од нив ќе бидат заборавени. Исто како што многу политичари ќе бидат заборавени. Меѓутоа, она што го прават, всушност, ѕвездите се самите тие реални шоуа, ѕвезди се самите тие турски серии или не знам како да кажам, сапуници. Затоа што тие си го делат пленот, а народот плаќа за тоа несвесно.
Да позборуваме малку за вештачката интелигенција. Таа е навлезена секаде во секоја област, се користи сѐ повеќе и за создавање музика. Што мислиш за оваа тема и како да се заштити сопственоста на авторството на уметниците од експлоатацијата на вештачката интелигенција?
– Па тоа е многу интересно и тоа е долг процес, не почна само со појавата на вештачка интелигенција. Почнато е многу порано. Ќе ви кажам примери, повеќе ги знаеме ликовите како Принс, Џорџ Мајкл и други, кои постојано биле во конфликт со своите музички куќи токму поради тоа што имале порака, став, содржина во нивната уметност, а на музичките куќи им требало брза заработка, тие размислувале од тотално друг агол за разлика од артистите. И дури сфатиле дека ним им е потребна фигура уметник толку желен за успех што не му е гајле воопшто дали е тоа вистински уметник или не. Само да пее пред публика, да е рок-ѕвезда. И така пополека со тие компромиси се најдоа многу празни бендови и уште од 90-тите и од 2000-ти години, кои ги слушаа командите од музичките куќи. Меѓутоа, тоа се префрли на целата индустрија, на целото општество што сака и слуша музика. Значи, тие бараа такви површни ликови. Се уништија тие грандиозни снимања со студиски оркестри.
Немаше тука доволно заработка за нив, значи таа лакомост е најопасна за човештвото. Особено кога станува збор за уметност, за здравје и за тие работи. И тие сега преку вештачката интелигенција продолжија да го гледаат тој момент како уште поголема заработка за нив, без разлика што ќе се уништи сѐ она што сме го наследиле како градина на цивилизација, на придонеси од минатите генерации, со векови и така натаму. Значи, сега е опасно. Меѓутоа, јас имам разговарано со доста колеги, најопасно е токму за оние што правеа хиперпродукција во последните 20 години, кои правеа нешто слично како вештачката интелигенција. Јас не гледам некоја голема разлика меѓу некоја модерна поп-продукција денеска и меѓу продукцијата кај компјутерот. И тоа мора да нѐ загрижи. Бидејќи, ако се работеше некогаш со живи бендови, живи музичари и тој фактор на таа жива човечка изведба…, сега сѐ веќе звучи компјутерски, сѐ се алгоритми. Сѐ звучи неприродно, вештачки, не сакам да го кажам зборот совршено бидејќи тоа е далеку од совршено, тоа е ѓубре, ако мене ме прашувате. Бидејќи, ако слушаш Шаде или Арета Френклин снимено на тој феноменален класичен начин на ленти, како што било, тоа никогаш не може да го замени дигиталната ВИ-продукција.
Тие може навистина да се импресивни во своите моментни имитации, меѓутоа далеку се од оригиналниот звук. Ќе речат, ќе се победи и тој, ќе дојде. Јас лично не верувам. Бидејќи компјутерот нема срце што чука како нашето, секој удар е поинаков. Тие чукаат во семплови, во перфекција и самиот тој факт драстично се разликува од неа, од тој почеток, така што вистинската уметност ќе си остане заштитена. Нека му ја мислат оние што беа само во трка по пари, кои ја предадоа уметноста, кои се родиле со амбиција да бидат уметници, меѓутоа по линија на помал отпор – повеќе пари со ова, повеќе пари со она – на крајот самите станале турбофолкери. На турбофолк мислам не само на фолкот како музика, туку како култура, како начин на евтина понуда, евтина имитација.
Да те прашам нешто и приватно. Кој е Четкар? Како изгледа за тебе еден најобичен ден, да речеме еден понеделник во своите 24 часа?
– Па многу битен момент е секој што и да работи да има нешто друго што исто така го исполнува. Конкретно кај мене се возењето велосипед, калистеникс, вежбам калистеника уште од 12 години секој ден. И обожавам што на некој начин оваа кондициска состојба, што постојано се трудам да ја одржувам, ми помага во турнеите низ светот кога патувам, кога имам денес проба со еден бенд, три часа вечерта настап, утре лет, проба со друг бенд, настап… И тоа е физички напорно, многу напорно физички. И на некој начин, иако спортот нѐ исполнува во тој аспект, како да ми помогне во мојата работа, исто како и еден вид поинаков фокус кај што користам други центри, други работи од стандардната музичка работа што си ја работам. Меѓутоа, исто така сакам да патувам, така што убавото во мојата работа е кога ќе одам некаде каде што ќе имам настап, постојано земам екстра неколку дена за да можам да ја видам локалната култура, локалната храна. Сакам да видам што повеќе и тоа им го посакувам на сите. Дека видете колку е убава планетава, а илјада години да живееме не се доволни да видиме ни 10 проценти. Е тука малку сум лут. Тој е голема планета, толку убава, да се фокусираме, за жал, на погрешни работи како човештво.
Доколку би имал можност да седнеш во клупа со некој музичар што повеќе не е меѓу нас, што би го прашал и кој би бил тој музичар?
– Па тоа јас го имам и сонувано и многупати сум размислувал и не е еден музичар, многумина се, бидејќи јас како музичка персона сум многу варијабилен, поинаков сум. Значи, еден сум како гитарист, еден сум како вокалист, еден сум како аранжер, како продуцент, како диригент, како придружен вокал. Значи, сите тие разни делови кога јас ги работам во мојот албум комплетно како кантавтор, ме изразуваат на поинаков начин.
Јас имам аранжери, како Квинси Џонс (Quincy Jones), кој неодамна почина, со кои би сакал да разговарам и да ги прашам, а како што тој еднаш кажа една генијална мисла: „Кога ќе влезеш во студио, не влегуваш со идеја ‘сега ќе направам хит’, туку ќе влезеш во студио да оставиш вистински дел од својата душа и тие чувства да останат засекогаш врежани во композицијата, во таа снимка“.
И тоа е многу инспиративно, кај мене влијаеше уште од мал. И бидејќи само тогаш е вистинска уметност, а денеска луѓето влегуваат со „ај да направиме хит што ќе биде сличен на оној на Бруно Марс сега што го пуштија“ или што го направил овој и овој. И сѐ е евтина копија на копијата. А тоа е, генерално, за Македонија и за Балканот, мнозинството и за светот. И, да, бидејќи некој тоа го направил прв и поминало. Поминало кај тие радија што порано имале некаква капија, железна, кај што не поминувало сѐ. Имало еден, да кажам, стражар, кој чувал што ќе биде поквалитетно. Кога почна таа трка само за побрз профит, тогаш се срушија тие стандарди и во целиот свет. Меѓутоа, кај нас со едно екстра ниво бидејќи ние заборавивме дури и кои се нашите предци, кои се нашите фолк-традиции. Србите заборавија кои се нивните и тоа дојде како турбофолк, го уништи старото, го уништи новото, привремено. Јас сум оптимист дека тоа ќе се врати бидејќи како што повеќе се софистицираме, ќе сфатиме дека, всушнсот, „сокчето на растворање е вештачко, не е баш убаво“. Поубаво е да се напиеш природен џус или уште поубаво е да изедеш овошје отколку да пиеш џус.
Тоа е исто и со музиката, ќе дојдеме до изворот. Само мораме да се стремиме да видиме, за тоа ни дал Господ душа, мозок, не да поминеме низ животот како слепи примачи на сѐ што ќе ни биде понудено. Јас разбирам, не наоѓам вина кај сите, на некој, едноставно, не му е до тоа.
Меѓутоа, да се вратам на прашањето… Квинси Џонс е едниот. Другиот е Патрик Адамс. Со него бев личен пријател, аранжер на Casablanca Records, кој на некој начин ми беше и тутор, дури живеев во Њујорк. И многу прашања останаа неодговорени, кои постојано договаравме дека ќе ми ги каже… Човекот замина и тоа е. Тогаш сфаќаш дека многу кратко живееме и наша должност е тоа да го искористиме максимално потентно. Да научиме повеќе за храната, да научиме повеќе за сопственото тело, за уметноста, за светот, ама со позитивна мисла да одиме кон тој космополитизам, да се обединиме едни со други и да се споделуваме едни со други со нашите квалитети. Бидејќи квалитетот патува. Доброто вино што ќе го направат денес во Тиквешијата или каде било во Македонија, ќе го најдеме и во маркетите сега сѐ повеќе и повеќе во Европа, во Азија, во Америка дека е добро квалитетно вино. И имаме со што да се пофалиме. Со ова другото што го правевме муабетот никогаш нема да видиш турбофолкер со филхармонија во Европа, заеднички проект, бидејќи тоа е смешно. Тоа се одбива како магнети со спротиставени полови. И тоа е тоа што треба да го сфатиме. Дека ова не чини и оние што го слушале тоа малку да се засрамат од она што го праеле бидејќи не ги личи.
Четкар, ти благодарам многу за ова новогодишно интервју за МИА.
– Ви благодарам, да сте здрави и живи. Вас ве следам уште кога бев студент во Бостон и бевте првиот медиум тогаш од чија веб-страница ги читав вестите и чувствував контакт со Македонија. И еве до ден-денеска и многу ми е мерак што направивме интервју.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата