„Едвај чекам да дојде 29 јули. Возбудена сум и морници ме лазат дека ќе застанам на сцената на Античкиот театар. Многу пати сум била во Охрид и навистина градот е преубав, а локацијата за концертот е магична. Кога прв пат ја видов знаев дека еден ден таму ќе настапам во придружба на симфониски оркетар и еве денот дојде“, вели Јелена.
Охридскиот концерт на Јелена Розга е во организација на Евентум, и е закажан на 29 јули, што всушност беше откриено на вчерашната дружба со медиумите која патем беше најавена како опуштено дружење на кое пејачката и запеа во придружба на својот гитарист.
Во најавата за дружбата со медиумите стоеше со себе понесете само добро расположение и навистина само тоа и беше потребно. Непосредна и спонтана Јелена направи вистинско шоу, па во еден момент дури и пееше песни по желба на новинарите.
Охридскиот концерт инаку се најавува како незаборавна музичка ноќ под светлината на ѕвездите и во магичниот амбиент на охридскиот Антички театар. Како спектакл во придружба на гудачки оркестар што не смее да се пропушти, магична вечер исполнета со нејзините емотивни балади, моќни хитови и беспрекорен сценски настап каков што само Јелена умее да понуди.
Билетите се пуштени во продажба преку мрежата на yournextevent.info и се по цени од 1500 до 2200 денари, во зависност од местоположбата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата