Несреќата се случи на автопатот Анџелес Крест во Јужна Калифорнија (САД), откако Зампела ја изгубил контролата врз своето „Ферари“, пишува „Ен-би-си Лос Анџелес“ (NBC Los Angeles).
Според извештајот на Калифорниската полиција несреќата се случила на кривулестиот планински пат, при што возилото скршнало од патот и удрило во бетонска ограда. Поради силата на ударот, сопатникот бил исфрлен од автомобилот, додека Зампела бил заробен во возилото, коешто потоа се запалило. Зампела починал на местото на несреќата. Сопатникот, чиј идентитет сè уште не е објавен, починал од повредите в болница.
Спортскиот автомобил беше напојуван од хибриден „В-6“ мотор којшто произведува повеќе од 819 коњски сили.
Винс Зампела (55) е една од највлијателните личности во индустријата за видеоигри. Како со-основач на „Инфинити вард“ (Infinity Ward), тој беше клучен во создавањето на мега-успешниот серијал „Кол оф дјути“. Во 2010 година, тој го основа „Риспон ентертејнмент“ (Respawn Entertainment), студиото коешто ги донесе светските хитови како „Титанфол“, „Титанфол 2“, „Апекс леџендс“ и „Стар ворс џедај: Фолен ордер“.
Неговото студио во 2017 година беше купено од гигантот „EA“, но Зампела продолжи да го води тој дел. „ЕА“ издаде официјално соопштение, каде што се истакнува „длабокото и далекусежно“ влијание на Зампела.
„Ова е незамислива загуба и нашите срца се со семејството на Винс, неговите најблиски и сите оние што беа допрени од неговата работа. Влијанието на Винс врз индустријата за видеоигри беше длабоко и далекусежно. Пријател, колега, лидер и визионерски творец, неговата работа помогна во обликувањето на модерната интерактивна забава и инспирираше милиони играчи и развивачи низ целиот свет. Неговиот спомен и оставштината ќе продолжат да го обликува начинот на којшто игрите се изработуваат и како играчите се поврзуваат со генерациите што доаѓаат“, се вели во соопштението.
Сведок на сообраќајната им доставил на властите видеоснимки од несреќата. Околностите што довеле до губење на контролата врз возилото сè уште се истражуваат.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата