logo
logo
logo

БИ ПРИФАТИЛЕ ЛИ НАРЕДБИ ОД РОБОТ? 15% од Американците веќе сакаат шеф со ВИ

Vecer | 01.04.2026

БИ ПРИФАТИЛЕ ЛИ НАРЕДБИ ОД РОБОТ? 15% од Американците веќе сакаат шеф со ВИ

Околу 15 отсто од Американците би биле подготвени да работат на работно место каде што нивниот шеф би бил ВИ-алатка која доделува задачи и одредува распоред, се наведува во истражување на Универзитетот „Квинипијак“.

Поголемиот дел од анкетираните сè уште ја отфрлаат ваквата можност, но трендот на раст на довербата во управување со вештачка интелигенција станува сè поочигледен, паралелно со ширењето на примената на вештачката интелигенција во компаниите.

„Амазон“ и „Воркдеј“ веќе воведуваат технолошки решенија што ги автоматизираат менаџерските функции, додека во „Убер“ инженерите развиле модел на извршен директор со ВИ за првично разгледување на бизнис-идеите.

Овој тренд е дел од поширока промена во организацијата на работата што аналитичарите ја нарекуваат „големо порамнување“, при што се намалува бројот на средни менаџерски нивоа, а автоматизацијата со вештачка интелигенција презема дел од нивните функции.

Во екстремно сценарио се споменува можност за создавање компании вредни милијарди долари кои функционираат со минимален број вработени, потпирајќи се на автоматизирани процеси и системи со вештачка интелигенција.

Зголемената употреба на вештачката интелигенција предизвикува загриженост кај работниците.

Дури 70 отсто од испитаниците сметаат дека развојот на вештачката интелигенција ќе го намали бројот на работни места за луѓето, додека 30 отсто од вработените изразуваат загриженост дека токму нивната работа би можела да стане непотребна.

Истражувањето е спроведено на примерок од 1.397 возрасни лица во САД, во периодот од 19 до 23 март.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk