logo
logo
logo

СЛУЧАЈОТ КОБЕИН ПОД ЛУПА Сомнителни наоди од обдукцијата и местото на злосторството

Vecer | 11.02.2026

СЛУЧАЈОТ КОБЕИН ПОД ЛУПА Сомнителни наоди од обдукцијата и местото на злосторството

Смртта на Курт Кобеин, која пред повеќе од три децении ги шокираше обожавателите и го потресе музичкиот свет, повторно се најде во центарот на вниманието. Иако официјално беше прогласен за самоубиство, независен тим форензичари тврди дека пејачот на Нирвана бил убиен и бара повторно отворање на случајот, пишува Daily Mail.

Фронтменот на Нирвана почина на 5 април 1994 година, на возраст од 27 години, во својот дом во Сијетл. Мртовечникот од округот Кинг тогаш заклучи дека се работи за самоубиство извршено со пушка Remington Model 11. Сепак, тимот приватни форензичари сега повторно ги анализирал доказите од обдукцијата и местото на настанот и изнел тврдења кои целосно ја оспоруваат официјалната верзија на настаните.

Форензичарите: „Новите докази упатуваат на убиство“

Независната истражителка Мишел Вилкинс, која соработувала со тимот, изјавила дека форензичарот Брајан Бурнет, по само три дена разгледување на доказите, заклучил: „Ова е убиство. Мораме нешто да преземеме.“ Бурнет, кој има децении искуство во анализа на места на злосторства, е познат по оспорување на официјалните наоди во контроверзни случаи.

Во рецензиран научен труд објавен во списанието International Journal of Forensic Science, тимот презентирал десет докази кои сугерираат дека Кобеин бил жртва на еден или повеќе напаѓачи.

Според нивната теорија, напаѓачите прво го онеспособиле принудувајќи го да претерува со хероин, а потоа еден од нив го застрелал во главата, му го поставил оружјето во рака и оставил фалсификувана порака за збогум.

Сомнителни наоди од обдукцијата

Клучните аргументи на тимот се темелат на наодите од обдукцијата кои, како што тврдат, не се во согласност со моменталната смрт од истрел.

„Постојат детали во обдукцискиот извештај кои упатуваат на тоа дека, почекајте малку, ова лице не починало веднаш од истрелот“, изјави Вилкинс, посочувајќи на оштетувања на органите поврзани со недостаток на кислород. „Некроза на мозокот и црниот дроб се случува кај предозирање, а не кај смрт предизвикана од пушка.“

Форензичкиот извештај наведува дека течноста во белите дробови, крварење во очите и оштетувањата на мозокот и црниот дроб, забележани при обдукцијата, се типични за смрт од предозирање со хероин, кое предизвикува бавно дишење и слаб проток на крв. Кај повеќето смртни случаи од истрел во главата би се очекувала и крв во дишните патишта, што во обдукцијата на Кобеин не е спомнато.

Инсценирано место на злосторството?

Тимот исто така истакнува бројни нелогичности на местото на злосторството. Ракавите на Кобеин биле свиткани, а приборот за хероин, пронајден неколку метри подалеку, бил средено нареден, со шприцеви на кои биле вратени капачињата.

„Треба ли да веруваме дека ги ставал капачите на иглите и сè средувал откако се избодел трипати, затоа што тоа веројатно е она што луѓето го прават додека умираат“, иронично коментира Вилкинс. „Самоубиствата се неуредни, а ова беше многу чисто место на настанот.“

Позицијата на оружјето и рацете исто така предизвикува сомнеж. Левата рака на Кобеин била обвиткана околу цевката, но била необично чиста.

„Ако погледнете фотографии од самоубиства со пушка, тие се брутални. Не постои универзум во кој таа рака не би била прекриена со крв“, рече Вилкинс. Чаурата била пронајдена на место кое не одговара со насоката на исфрлање, а репликацијата покажа дека со раката во таа положба, чаурата воопшто не би била исфрлена.

Истражителите дополнително истакнале дека во џебот на Кобеин е пронајдена сметка за оружје, што Вилкинс го смета за преголема поставеност. Исто така, дамка од крв на долниот дел од неговата кошула сугерира дека телото можеби било поместено по смртта.

Контроверзна порака за збогум?

Наводната порака за збогум исто така била подложена на анализа. „Горниот дел од пораката го напишал Курт. Во него нема ништо за самоубиство. Главно зборува за напуштање на бендот“, објасни Вилкинс. Додаде дека последните четири реда, во кои се спомнува самоубиство, очигледно се разликуваат. „Текстот е малку различен. Поголем е, повеќе… изгледа нашкробано.“

Властите одбиваат повторно отворање на случајот

И покрај новите тврдења, официјалните институции остануваат на својот став. Портпаролот на Канцеларијата на патолозите од округот Кинг изјави дека канцеларијата извршила целосна обдукција и ги следела сите процедури и дека до денес не виделе докази кои би оправдале повторно отворање на случајот.

Сличен одговор стигнал и од полицијата на Сијетл. „Нашиот детектив заклучи дека починал од самоубиство и тоа е сè уште ставот што го застапува овој оддел“, порача портпаролот.

Вилкинс нагласи дека тимот не бара апсења, туку транспарентност и повторно разгледување на доказите. Таа истакна и дека ѝ се јавувале семејства чиј член извршил самоубиство верувајќи дека тоа го направил и нивниот идол.

„Двета барања беа одбиени со 'Не'. Не сакаат ни да ги погледнат нашите докази“, рече таа. За неа, целта останува едноставна: „Ако грешиме, само докажете ни го тоа. Тоа е сè што од нив побаравме.“

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk