Масовните јавни протести во Молдавија поради гласањето на Евровизискиот натпревар минатата недела доведоа до оставка на директорот на јавниот медиумски сервис на Молдавија во понеделник.
Стотици обожаватели ги искористија социјалните мрежи за да го осудат гласањето на молдавското жири на Евровизискиот натпревар во сабота, потсетувајќи дека жирито ѝ дало на соседна Романија само три поени, објавува Ројтерс.
Пред да добие независност во 1991 година, Молдавија беше дел од Руската империја, Голема Романија и Советскиот Сојуз, но има многу силни јазични и културни врски со Романија.
„Ова беше моја одлука. Се дистанциравме од гласањето на жирито, но тоа е сè уште наша одговорност, моја одговорност пред сè, како раководител на оваа институција“, рече Влад Туркано, генерален директор на Молдавската радиотелевизија на итно свикана прес-конференција.
Оставката е драматична демонстрација на улогата на социјалните мрежи во една од најсиромашните земји во Европа, чиј претседател ја осуди руската инвазија на соседна Украина и се залага за влез во Европската Унија до 2030 година.
Молдавското жири, избрано од јавниот радиодифузен сервис, ѝ даде максимални 12 поени на песната од Полска, која заврши на 12-то место.
Десет поени му беа доделени на Израел, кој заврши втор на натпреварот, но беше цел на остри критики, а поради учеството на Израел на Евровизискиот натпревар, пет европски земји го бојкотираа учеството на еврејската држава поради израелските воени акции во окупираната палестинска енклава Појасот Газа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата