Во Германија завладеа разочарување откако беше објавен редоследот на настапи за финалето на Евровизија 2026, бидејќи нивната претставничка Сара Енгелс ќе настапи втора по ред – на позицијата која обожавателите со години ја нарекуваат „евровизиско проклетство“.
Откако во полуфиналето го доби таканаречениот „producers' choice“ (избор на продуцентите), организаторите имаа можност самите да го одредат местото на германскиот настап во финалето. Иако тоа главно се смета за предност, одлуката Сара Енгелс да пее втора не предизвика воодушевување кај фановите.
Злогласната „позиција на смртта“
Втората позиција во финалето на Евровизија меѓу обожавателите е позната како „death slot“ или „позиција на смртта“, а причината за тоа се крие во статистиката.
Имено, ниту една земја во историјата на Евровизија нема победено настапувајќи како втора во финалето. Покрај тоа, изведувачите кои пееле на оваа позиција често завршувале на самото дно на табелата. Дури девет пати песната изведена како втора завршила на последното место, додека три настапи останале без ниту еден поен.
Многумина сметаат дека проблемот лежи во самиот тек на натпреварувањето — публиката дури во тие моменти се загрева, а до крајот на вечерта следуваат голем број песни, поради што вториот настап лесно се заборава до моментот на гласањето.
Фановите стравуваат за Германија
Дополнителен проблем за германската претставничка би можел да биде и распоредот на настапите. Сара Енгелс со песната „Fire“ ќе настапи веднаш по данскиот фаворит Сорен Торпегард Лунд, додека по неа на сцената излегува претставникот на Израел.
Поради тоа, дел од фановите сметаат дека германскиот настап би можел да остане во сенка на посилните и повпечатливите изведувачи.
Ниту обложувалниците во моментов не прогнозираат голем успех за Германија. Шансите на Сара Енгелс за победа се проценуваат на помалку од еден процент, а според моменталните прогнози, полошо котираат само Белгија и австрискиот претставник Космо.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата