Раперот 50 Cent е извршен продуцент на новата документарна серија во 4 дела на Netflix, „Sean Combs: The Reckoning“. Документарецот се фокусира на животот и кариерата на Шон „Диди“ Компс и ги обработува обвинувањата за сексуална злоупотреба, како и шокантната тужба што R&B пејачката и поранешна девојка на Компс, Касандра Вентура, ја поднесе против него во ноември 2023 година.
„50 Cent“, чиј вистинско име е Кертис Џексон, се здружил со режисерката Александрија Стејплтон за да го оживеат документарецот.
„Како жена во индустријата, која го помина „#MeToo“ движењето — гледајќи ги музичките и филмските гиганти како завршуваат на суд и знаејќи какви беа исходите... Кога Кеси ја поднесе тужбата, помислив дека ова може да тргне во милион различни насоки,“ изјави Стејплтон за „Netflix Tudum“. „Се прашував од каде ѝ е самодовербата да излезе против могул како Шон Комбс. Како документарист, веднаш знаев дека ова е тест за тоа дали сме се промениле како култура — во однос на тоа дали сме подготвени правично да се справиме со ваков вид обвинувања.“
Во октомври 2025 година, Комбс беше осуден на четири години затвор, откако беше прогласен за виновен за транспорт на жени со цел учество во сексуални маратони поддржани со дроги. Поротата го прогласи основачот на „Bad Boy Records“ за виновен по две точки за транспорт со цел проституција, во случаи кои ги вклучуваат Вентура и уште една жртва која сведочела под псевдонимот „Јејн“ во јули.
За што станува збор во „Sean Combs: The Reckoning“?
Официјалниот опис на Netflix гласи: „Документарната серија содржи интимни снимки, снимени со знаење на Комбс, во шесте дена пред неговото апсење и обвинение. Во тој период, Комбс беше под федерална истрага.“
Во серијата се појавуваат интервјуа со повеќе личности, меѓу кои Аубри О’Деј од групата „Danity Kane“ и неколку поротници што биле избрани за судењето на Комбс.
Според Стејплтон, целта на документарецот е да предупреди за последиците од обожавањето на славни личности.
„Ова не е само приказната на Шон Комбс, или на Кеси, или на која било од жртвите, или обвинувањата, или судењето,“ вели таа. „На крајот, оваа приказна е огледало што нè одразува нас, јавноста — и она што го кажуваме кога ги ставаме славните личности на толку висок пиедестал. Се надевам дека овој документарец ќе биде будење за тоа како ги идолизираме луѓето и за тоа дека секој е човек.“
Каков е односот меѓу Диди и „50 Cent“?
Џексон и Компс се во 20-годишен конфликт, кој наводно започнал во 2006 година, кога 50 Cent ја објави неговата дис-трака „The Bomb“, каде што го обвини Диди дека е вмешан во убиството на „Notorious B.I.G.“ во 1997 година. „50 Cent“ исто така го обвинуваше раперот од „I’ll Be Missing You“ за вмешаност и во убиството на Тупак Шакур во 1996 година — тврдења што Диди ги негира.
Нивната кавга продолжи и преку промоцијата на ривалски брендови на вотка.
„Гледај, изгледа како да правам нешто екстремно, но не е така. Јас само го повторувам она што го кажувам веќе 10 години,“ изјави „50 Cent“ за „People“ во октомври 2024, објаснувајќи ја својата одлука да зборува за обвинувањата против Комбс. „Сега тоа само станува поочигледно во медиумите со сето ова околу Пафи, но надвор од тоа, јас само велам: ‘Ова е мојот став, затоа што отсекогаш сум се држел настрана од тие работи.’“
Како е „50 Cent“ вклучен во документарецот?
„50 Cent“ е извршен продуцент на серијата. За него, документарецот е продолжение на неговата мисија за „вистинско раскажување приказни“.
„Веќе со години сум посветен на вистинското раскажување преку „G-Unit Film and Television“,“ изјави Џексон за „Tudum“. „Сум благодарен на сите што излегоа и ни ги доверија своите приказни, и сум горд што Александрија Стејплтон е режисерката која ја донесе оваа важна приказна на екран.“
Џексон рече дека влегол во проектот затоа што сакал јасно да го осуди однесувањето на Комбс.
„Ако не кажев ништо, ќе изгледаше како хип-хоп заедницата да го прифаќа неговото однесување,“ рече тој во „Good Morning America“. „Нема никој друг кој гласно зборува. Ако сите молчат, ќе изгледа како целата култура тоа да го поддржува.“
Но, коосновачот на „„G-Unit“ смета дека Диди би бил импресиониран ако некогаш го погледне документарецот:
„Мислам дека ќе каже: ‘Ова е најдобриот документарец што сум го видел долго време.’ Може да има забелешки за одредени делови, но тој ја знае вистината. Верувам дека ќе ја препознае.“
Како реагира Диди на документарецот?
Комбс воопшто не е задоволен од серијата.
Во изјава, основачот на „Bad Boy Records“ го обвини ко-извршниот директор на „Netflix“, Тед Сарандос, за „лично нарушување на довербата“. Тој исто така тврдеше дека тизерот прикажан во „Good Morning America“ докажува дека „50 Cent“ користел „украдени снимки“.
Во неговата изјава стои:
„Таканаречениот ‘документарец’ на „Netflix“ е срамен нападен материјал. „Netflix“ очигледно е очаен да го сензационализира секој момент од животот на г-дин Комбс, без никаква грижа за вистината, само за да профитира од бескрајниот медиумски циркус. … Подеднакво шокантно е што „Netflix“ му ја предал креативната контрола на Кертис ‘50 Cent’ Џексон — долгогодишен противник кој има лична освета и премногу долго го клевети г-дин Комбс.“
Извор: Јаху
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата