Во период кога концертните сали низ Македонија се исполнети со емоции, аплаузи и публика што заедно со неа ги пее најголемите хитови, Бојана Скендеровски не запира. По концертите во повеќе градови низ земјата, а непосредно по емотивната вечер во Тетово, Бојана носи нова музичка приказна, песната со наслов „Оди си“.
Станува збор за композиција што уште на прво слушање носи ритам, став и енергија, но и препознатливата емоција што Бојана ја носи со себе на сцената. Автори на песната се Александар Тарабунов, кој ги потпишува музиката и текстот, и Димитар Андоновски како автор на аранжманот – тандем кој веќе важи за сигурен рецепт за современ домашен хит.
„Можеби низ годините публиката ме препознаваше повеќе преку баладите, но „Оди си“ е песна што навистина многу личи на мене. Има темперамент, има движење, има енергија. Тара и Диме ме познаваат доволно добро за да знаат што чувствувам и што сакам да пренесам преку музика и токму затоа оваа песна ми е толку блиска“, вели Бојана.

Видеоспотот е снимен во Тирана, под капата на „Скендеровски продукција“, а целата приказна носи модерен звук со автентичен балкански сензибилитет, комбинација што лесно влегува под кожа.
„Ова е женска песна. Не во смисла на инает, туку во смисла на сила, став и емоција. Песна што ќе те натера и да запееш, и да заиграш, ама можеби и да се пронајдеш во неа. Верувам дека токму затоа ќе ѝ се допадне на публиката“, искрено додава Бојана.
Во време кога нејзината концертна турнеја носи сè повеќе публика и силни реакции, „Оди си“ доаѓа како природно продолжение на енергијата што Бојана ја живее на сцената – песна создадена да се почувствува, да се пее гласно и да стане дел од концертната магија што ја носи со себе.
Слушнете ја „Оди си“:
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата