Светските медиуми јавуваат за смртта на американскиот актер Џејмс Ренсон, кој извршил самоубиство со бесење. Веста првично ја објави TMZ, а подоцна беше потврдена и од Канцеларијата на медицинскиот испитувач на округот Лос Анџелес. Полицијата интервенирала во неговиот стан, но не биле пронајдени траги на криминална активност.
Ренсон беше најпознат по улогата на Зиги Соботка во култната серија „The Wire“, со која во 2003 година стекна широка популарност. Публиката го памети и по улогата на Еди Каспбрак во хорор-филмот „Тоа: Второ поглавје“, снимен според романот на Стивен Кинг. Во текот на кариерата се појави во бројни телевизиски и филмски проекти, често толкувајќи комплексни и психолошки тешки ликови.
Актерот е роден на 2 јуни 1979 година во Балтимор, во семејство со мешано европско потекло. Во повеќе интервјуа отворено зборуваше за тешкото детство и проблемите со прилагодување во младоста. Во раните години се соочувал со тешка зависност од хероин, но успеал да се рехабилитира и од 2007 година живеел трезен живот.
Во мај 2021 година, Ренсон јавно проговори за сексуално злоставување кое го доживеал како дете од страна на негувател. Иако случајот бил пријавен кај надлежните институции, истрагата не резултирала со обвиненија.
Во приватниот живот, Ренсон беше оженет и татко на едно дете. Во последните години живеел повлечено и внимателно ги бирал своите проекти. Неговата нето-вредност се проценува на околу 1,5 милиони долари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата