logo
logo
logo

ДАРИО спакува „КОВЧЕГ СО ЗЛАТО“ и реши да го подари на сите што ги сака и сите што го сакаат

Vecer | 23.12.2025

ДАРИО спакува „КОВЧЕГ СО ЗЛАТО“ и реши да го подари на сите што ги сака и сите што го сакаат

Во време кога песните се пуштаат со еден клик, еден домашен музички романтичар, Дарио, реши да оди контра струјата и да спакува музика во вистински албум. Новото издание носи 11 песни создадени низ неколку години, внимателно собрани како мали животни приказни што сака да ги подари, а не само да ги „аплоудира“.

Албумот симболично насловен „Ковчег со злато“ е вистинско богатство зашто е направен од чист ќеф, што би се рекло за во рака, за душа и за блиските. Иако дигиталните платформи одамна владеат, овој музичар признава дека ништо не може да ја замени тежината на нешто што можеш да го држиш во рака, да го завиткаш и да го подариш за празниците. Мал дел е наменет за публиката, а најголемиот, како што вели, за луѓето што му значат.

Зад сите песни стои истиот авторски потпис, неговиот како потписник на музиката и текстовите; додека аранжер и продуцент е Кристијан Габровски. Албумот има и тивка, но силна посвета на близок пријател, композитор и продуцент, чие заминување остави длабока трага и во музиката и во срцето, големиот Тоше Поп-Симонов, кој почина на 19 април, на 63 години.

„Ковчег со злато“, „Мојата драга“, „Засекогаш млад“, „Кој чека, ќе дочека“, „Какви се ова времиња“, „Еј животе“, „Ракија“, „Врзете ми ги рацете“, „Молитва“, „Ишала“ и „Горе горе“ се песните од албумот на Дарио, кој вели дека му е полесно да спакува албум, отколку сите досегашни изданија да ги стави на музичките платформи.

„Денес ретко се печатат албуми, знам, но сакав да имам нешто во раце, нешто да им подарам на блиските за празниците, а мал дел е за продажба. Албумот е направен од мерак“, вели Дарио.

И така, од мерак, од спомени и од живот се создаде еден албум што не брка трендови, туку чувства. Албум кој вреди и повеќе од ковчег злато, затоа што вистинската музика едноставно нема цена.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk