logo
logo
logo

203 СМ ГОРДОСТ: Савана Трап открива како е да се биде различна и успешна

Vecer | 05.02.2026

203 СМ ГОРДОСТ: Савана Трап открива како е да се биде различна и успешна

САВАНА Трап (28), висока импресивни 203 сантиметри, проговори за детството и животот во највисокото семејство во светот. Иако својата висина успешно ја претвора во моделинг и заработува илјадници долари месечно, признава дека во приватниот живот не ѝ е секогаш лесно. Вели дека мажите често ја доживуваат како „екзотичен“ сексуален трофеј, што значително ѝ го отежнува излегувањето и врските.

Предизвици во љубовниот живот

Савана, која пријателите ја нарекуваат Савви, е во брак со сопругот Даниел веќе повеќе од три години. Покрај тоа, таа е полиаморна (има повеќе романтични врски истовремено, со знаење и согласност на сите вклучени). Четири години е во врска со својот дечко Рајан, а отворена е и за запознавање нови луѓе. Токму затоа, вели, ако некој сака да излезе со неа, мора да помине некаква проверка.

„Морам многу да внимавам на мотивите на луѓето. Сакам да бидам сигурна дека се искрени и дека не ме гледаат само како некоја егзотична ставка што можат да ја заокружат на списокот“, изјави таа за MailOnline.

Додава дека тоа што е во брак и веќе има партнер, не ѝ пречи да создава нови врски. Вели дека ѝ одговара тоа што односите не се строго дефинирани, а запознавањето нови луѓе ѝ помага и во зајакнување на самодовербата.

„Највисокото семејство во светот“

Савви израснала опкружена со необично високи луѓе. Нивното семејство во 2020 година влегло во Гинисовата книга на рекорди како највисоко семејство во светот, а, според нејзините зборови, тој рекорд го држат и денес. Нејзиниот помлад брат е висок 221 сантиметар, татко 203, а мајка 191 сантиметар.

Својата висина ја претворила и во работа: со моделинг, вели, заработува помеѓу 3000 и 4000 долари месечно.

Секојдневни потешкотии

Сепак, висината носи и низа практични проблеми – од наоѓање облека и обувки до удари со глава во лустери и вентилатори на плафоните. Како дете, минувала низ болни фази на нагло растење. Со 12 години веќе била висока 188 сантиметри, а во училиште, вели, морала да носи машки чевли.

„За време на растењето, висината секогаш некако ме стигнуваше. Координацијата не можеше да ја следи. Бев прилично несмасна. Во еден месец би пораснала и по пет сантиметри“, раскажа на YouTube каналот Truly TV.

Додава дека имала силни болки во нозете, а од наглото растење ѝ останале стриите на задниот дел од нозете. Таа исто така вели дека, поради нејзината градба, ѝ е потребна дополнителна потпора, па затоа коските можат да ја болат ако седи на неудобен стол предолго.

На Instagram ја следат повеќе од 31.000 луѓе, а Савви признава дека понекогаш се чувствува како да изгледа „малку скандалозно“ во речиси секоја облека, затоа што нозете ѝ се исклучително долги. „Набавката на облека што ми прилега е вистински предизвик“, признава таа.

Патот кон самоприфаќањето

И покрај сè, со текот на времето научила да ја прифати својата висина. Во тоа, вели, најмногу ѝ помогнала мајката, која од мали нозе ја учела да биде горда на тоа што е различна.

„Ме учеше дека тоа да се биде различен е нешто на што треба да се биде горд. Многу ми значеше“, рече таа.

Иако на социјалните мрежи често добива коментари во кои ја нарекуваат „убава“ и „згодна“, неодамна на слепо запознавање имала, како што вели, „освежувачко“ искуство – мажот се однесувал нормално, љубезно и без предрасуди, што тврди дека ѝ се „никогаш претходно не случило“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk