logo
logo
logo

Почина Кили

Vecer | 12.03.2026

Почина Кили

Актерот Кирил Поп Христов познат како Кили, почина на 58.годишна возраст во Еквадор, каде живееше од 2014 година. Кили починал во сон од инфаркт.

Последната фотографија на актерот на социјалната мрежа Фејсбук, датира од Ноември 2025.

Неговата сопруга, кореографката Гордана Деан-Поп Христова, за ЦрноБело изјавила дека тој починал во сон од инфаркт и дека таа ќе го памети само по убавите моменти поминати заедно.

Кили е роден на 30 јули 1967 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот Актерска игра, во класата на професорот Љубиша Георгиевски во 1989 година. Од 1993 година работел во Македонски народен театар во Скопје.

Кили останува запаметен како еден од значајните македонски актери на својата генерација, со бројни улоги кои го одбележаа театарското и филмското наследство во земјата.

Во текот на богата театарска кариера оствари бројни улоги во претстави на сцената на МНТ. Помеѓу нив се: Дон Хусман во „Свадбата на Фигаро“ (2011), Антинор во „Троил и Кресида“ (2010), Пејач во „Мара/Сад“ (2008), Мик во „Домар“ (2004), Крсто во „Ослободување на Скопје“ (2002), Џиги во „Павилјони“ (1999), Џокер Мори Шербијак во „Бетмен – враќањето на црниот витез“ (1999), Осман бег во „МКС“ (1995), Микољка во „Злосторство и казна“ (1994), Стево во „Бунт во домот за старци“ (1994), Срета во „Народен пратеник“ (1993), Јохансон во „Соната на сеништата“ (1992), Александар Македонски во „Крик“ (1991), Ѓурко во „Зора на истокот“ (1991), Принцот Едвард во „Ричард Трети“ (1990), Петар во „Гнев Божји“ (1990), Илија во „Антица“ (1988), Еди во „Луди за љубов“ (1988), Мишка во „Ревизор“ (1987), Пијанистот во „Баал“ (1987), како и улогите во „Ревизор“ (2006), „Буре барут“ (1994) и „Рави“ (1989).

Покрај улогите на театарската сцена, Поп Христов оствари значајна кариера и на филм и телевизија. Се вбројуваат улогите во филмовите „Еј“ (2018), „Скопје Ремиксд“ (2012), „Панкот не е мртов“ (2011), „Самитот на шаманите“ (2006), „Бал-кан-кан“ (2005), „Збогум на дваесетиот век“ (1998), „Преку езерото“ (1997), „Нечиста крв“ (1996), „Македонска сага“ (1993), „Тетовирање“ (1991), како и телевизиските филмови „Марика лета со авион“ (1988) и „Пикасо“ (1987). Учествуваше и во повеќе телевизиски серии, помеѓу кои: „Досие Скопје“ (2000), „Во светот на бајките – Трите светски камења“ (1995), „Македонски приказни – Христос и комарџијата“ (1992), „Трст виа Скопје“ (1990) и „Бумбари“ (1989). Покрај актерската работа, Кирил Поп Христов беше и композитор на филмот „Судијата“ (2002), чиј автор и режисер е Жанета Вангели.

„Кили ни отиде... Те сакаме!“, напиша Гордана Деан Поп-Христова и објави низа семејни фотографии од легендарниот актер со ќерките и најстарото внуче од ќерката Јоана, кое расте во Еквадор.

Нека почива во мир. Сочувство до семејството.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk