Обожавателите на легендарниот италијански фестивал Санремо ги очекува непријатно изненадување – цените на билетите за претстојното издание во 2026 година значително се зголемија.
Организаторите на Санремо објавија зголемување на цената од околу 20 проценти, што предизвика бран незадоволство кај фановите.
Одлуката за зголемување на цената ја донесоа заеднички Градот Санремо и италијанската национална телевизиска станица Раи, наведувајќи ја огромната побарувачка како главна причина. Интересот за фестивалот расте од година во година, а градските служби, како што објавија италијанските медиуми, едвај успеваат да ги обработат сите барања.
Нови цени за Аристон
Најскапи, како што се очекуваше, се седиштата на приземјето од театарот Аристон.
За првите четири вечери, од вторник до петок, билетот чини 240 евра, додека за големото финале во сабота, потребно е да се издвојат дури 875 евра. Вкупната цена на пакетот за сите пет вечери на приземјето со тоа достигнува вртоглави 1.835 евра.
Малку попристапна опција е галеријата, каде што билетите за првите четири вечери чинат 132 евра, а за финалето, 430 евра. Пакетот за сите пет вечери во галеријата е 958 евра.
Овие цени само го потврдуваат култниот статус што го ужива Санремо во Италија. Фестивалот е многу повеќе од музичко натпреварување - тоа е општествен феномен што привлекува милионска публика секоја година, поттикнува национални дебати и поставува музички трендови.
„Ќе следам од дома во пижами“
Сепак, драстичното зголемување на цената ги налути многу Италијанци, кои го изразија своето незадоволство на социјалните мрежи, објавува Ла Република.
„За мене може да биде празен аудиториум“, „875 евра за да одам да го гледам ова музичко ѓубре?“, „Разбирам дека е Санремо во Аристон, но 875 евра се речиси месечна плата“, „Ќе гледам од дома“, „Дали целиот пакет навистина чини 2.000 евра?!“, „Ќе гледам од дома во пижами“ - ова се само дел од коментарите. Еден корисник додаде: „Погодете кој купува билети по овие цени! Секогаш има псевдо ВИП личности и инфлуенсери за кои 1 евро не значи ништо“.
Следното издание на Санремо ќе се одржи од 24 до 28 февруари 2026 година, а уметничкиот директор Карло Конти неодамна го објави списокот од 30 уметници кои ќе се натпреваруваат.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата