logo
logo
logo

Како може да и се случи ваква катастрофа на Германија - КОЈ ПОТФРЛИ?

Vecer | 18.07.2021

Како може да и се случи ваква катастрофа на Германија - КОЈ ПОТФРЛИ?

Како што расте бројот на жртви во катастрофалните поплави во Германија и Белгија, се поставува едно многу важно прашање - како можеше да се случи таква катастрофа?

Поплавите следеа по рекордни количини на дожд што паднаа во делови на Западна Европа.

Професорката Хана Клок, хидролог, која го воспостави и сега го советува Европскиот систем за заштита од поплави (европска програма дизајнирана да обезбеди рано предупредување за опасни поплави), рече дека властите во Европа биле предупредени на можна опасност минатиот викенд.

"Испратени се предупредувања. Рекоа дека доаѓаат многу обилни дождови и поплави. После тоа, на националните власти е да направат нешто", изјави таа за Би-Би-Си.

Клок вели дека има места каде системот за рано предупредување го сторил она за што беше замислен.

Но, додава таа, имаше и такви места каде што „предупредувањата не стигнуваа до луѓето и тие не знаеја што ќе се случи“.

Систем за рано предупредување беше воспоставен по катастрофалните поплави во Европа во 2002 година, со цел да се спречи повторување на таквата катастрофа.

Овој број на жртви е едноставно неприфатлив

Но, вели Клок, оваа последна поплава откри „прекин во ланецот“.

"Не треба да имаме толку многу смртни случаи од поплавите во 2021 година. Едноставно е неприфатливо. Нешто лошо му се случи на системот", вели таа.

Постоечките системи за предвидување и предупредување за поплавување се разликуваат меѓу европските земји.

Клок вели дека Германија има фрагментиран систем кој вклучува многу различни нивоа на власт во различни држави, што резултира со нееднакви реакции на кризата.

Андреас Фридрих, портпарол на германската метеоролошка служба, вели дека тие издале предупредувања за екстремни дождови.

Тој рече дека не е на нив да утврдат ризик од поплавување, да ги повика луѓето да се евакуираат или да преземат какви било други мерки.

„Луѓето не знаеја како да се однесуваат, одеа низ водата“

Во градот Хаген, Армин Лашет, водечки кандидат за наследник на канцеларката Ангела Меркел, им изјави на новинарите дека властите биле предупредени и поставиле пречки додека „сонцето сè уште грееше и никој не очекуваше таква поплава“.

Министерството за заштита на животната средина во прокраината Рајна- Палатитат вели дека се издаваат предупредувања за поплави за големи реки, но дека податоците за притоките и помалите реки не се толку детални, затоа поплавите не можат секогаш да се спречат.

Клок вели дека има места каде луѓето не знаеле дека доаѓаат поплави или не знаеле како да се однесуваат за да се заштитат себе си и своите домови.

„Тие ризикуваа, поминаа низ надојдената вода“, објасни таа.

„Постои итна потреба да се едуцираат луѓето за ризиците од поплавување“

Фредерика Ото, помошник директор на Институтот за заштита на животната средина на Универзитетот во Оксфорд, вели дека има итна потреба да се едуцираат луѓето за ризиците од поплавување.

„Не мислам дека луѓето се навистина свесни дека лошото време навистина може да биде смртоносно“, рече таа.

„Фактот дека толку многу земја е покриена со бетон и асфалт, исто така, драматично влијае на тоа каде може да оди водата“, додаде таа.

Пензионираната Анемари Мулер (65) за АФП изјави дека градот Маен е целосно неподготвен за поплавата.

"Од каде настана целиот овој дожд? Ова е лудо. Водата испушти толку силен звук и со оглед на тоа колку брзо се спушти, мислевме дека ќе ја скрши вратата", се сети таа.

Клок вели дека метеоролозите и властите требало подобро да ги пренесат ризиците од претстојните поплави.

„Климата се менува, ваквите бури ќе бидат почести“

Министерот за внатрешни работи Хорст Сехофер рече дека Германија мора да се подготви многу подобро во иднина, додавајќи дека овие поплави се резултат на климатските промени.

Многу фактори придонесуваат за поплавите, но глобалното затоплување предизвикано од климатските промени ја зголемува веројатноста за екстремни дождови.

Светот веќе е загреан за околу 1,2 степени Целзиусови од почетокот на индустријализацијата, а температурите ќе продолжат да растат доколку владите ширум светот не преземат силни чекори за намалување на емисиите на стакленички гасови.

Природата на оваа бура, фактот дека беше екстремна, дека имаше многу влага, имаше многу дожд, се движеше полека - имаме докази дека овие видови бури ќе бидат почести “, рече професорката Клок .

„Ова е една од работите што очекувате да ја видите во променлива клима“, вели таа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk