logo
logo
logo

Интервју

Перински: “Не можете децата да ги нахраните пуштајќи им спотови од Мекдоналдс“

Vecer | 06.03.2021

Перински: “Не можете децата да ги нахраните пуштајќи им спотови од Мекдоналдс“

Во ова интервју разговараме со Златко Перински кој јавноста го памети како еден од успешните директори на Спортскиот Центар Борис Трајковски каде, за прв пат, како самофинансирачки субјект основан од Влада  оствари финансиска добивка.

Денес тој е шеф на кабинет на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, но и советник во општина Аеродром, присутен и активен во политиката.

Оттаму, причина повеќе да разговараме за теми врзани со неговата работа, особено за она што се случува во најголемата скопска општина - Аеродром.

  • Сигурно многумина ве прашуваат за работата како шеф на кабинет на лидерот на опозиција, ние би ве прашале за вториот дел од вашиот политички ангажман, а тоа е ангажманот во општини Аеродром. Најголема, најурбана општина во Македонија. Дали Аеродром фаќа чекор со модерните текови?

Со задоволство говорам за општината од која потекнувам, но воедно помешано е чувството, затоа што навистина не можам да останам рамнодушен кога гледам како Аеродром од општина со најголем потенцијал за развој доживува стагнација, а граѓаните се повеќе се незадоволни од квалитетот на живеење. Ако некогаш беше престиж да се биде ародромец, денес тоа е проблем во секоја смисла, да живееш или работиш во Аеродром стана тешка мака, и проблем на секој чекор.

Општината не ги следи потребите на жителите на Аеродром кои не само што не се задоволени, туку делува фрустрирачки кога толку проблеми остануваат нерешени, а решенија има но, нема луѓе на места каде што се носат одлуки и нема знаење тие да ги спроведат. Аеродром важеше за место што скопјани го нарекуваат “средена општина”, но во последните неколку години општината го губи овој примат.

  • Што придонесе Ардром од “средена општина“, идеална за млади луѓе и брачни парови да стане хаотичен простор?

Општината Аеродром станува претесна. Се зголемува бројот на жители, но се намалува бројот на содржини кои им се ставаат на располагање на жителите. Нема доволно градинки, училишта, амбуланти, паркинзи, зелени површини... Нема инфраструктура која може да задоволи се повеќе жители.

Се земаат пари од даноци, комуналии и сите давачки на сметка на општината, а не се инвестира ниту во одржување на она што го има, а уште помалку за проширување на инфраструктурата. Накусо, граѓаните мора да и плаќаат на општината, а општината Аеродром не мора тие пари да ги инвестира за нивните потреби. Парите исчезнуваат од општинската сметка, а инфраструктурата се распаѓа.

То не е состојба што аеродромци ја навикнале во минатото, и не е состојба која аеродромци ќе ја прифатат како нешто нормално. Луѓето чувствуваат задушување и депресија.

  • Уште поголемо незадоволство е видливо на периферијата на општината.

Контрастите се зголемуваат помеѓу населените места. Во растојание од само 3 километри имате населба каде главен проблем е недостатокот на зелена површина и простор за паркирање како во централните делови на Аеродром, а 3 километри подолу во друга населба нема асфалт и улично осветлување, како да сме во времето пред 20 години. То не е општина Аеродром каква ја знаеме со години пред градоначалникот Златко Марин.

Таквиот диспаритет говори дека општината не се развива рамномерно и дека приоритетите за инвестирање на градоначалникот се помешани.

Генерално, бетонизацијата и непланскиот развој доведе да жителите имаат се помалку простор за своите потреби. Недостатокот на паркинг простор исто така преставува проблем, како и фактот што има делови на општината каде со години не се инвестира ништо, каде инфраструктурата пропаѓа. Во 21. век, сред Скопје, имаат проблеми со водовод, канализација, темни улици, се тресат на секој дождлив дена какви проблеми ќе имаат потоа. А редовно плаќаат даноци, и не добиваат ништо од тие пари.

Исто така проблем е и недостатокот на простор во градинките, руинираното училиште “Димитар Македонски” за кое што од 2017 година слушаме дека само што не завршила неговата санација, а сведоци сме дека и денес не е ништо сменето. Секако и како крупен проблем се издвојува аеро загадувањето што е последица на отсуство на системски мерки за сузбивање на овој значаен проблем.

Очекуваме младите да имаат бракови, да имаат деца и создаваат семејства, а немаат градинки во најурбаната општина во Скопје. Каде да ги згрижат тие деца? Каде да ги школуваат кога ќе дојде време за тоа?

  • Градоначалникот Златко Марин со неговата партија СДСМ организираа протести против големата загаденост на возухот во Аеродром. Еве, сега се четири години на власт во општината, сменија ли нешто, остварија ли дел од ветувањата со кои се расфрлаа за да победат на избори?

Не, напротив. Освен што ништо не преземаа за тој проблем и зимава гледаме дека загадувањето на воздухот но, и на почвата, е поголемо од било кога порано. Аеродром, поради својата местоположба, но и акутните жаришта на загадување кои остануваат несанкционирани го има овој проблем во уште поголема мерка.

Сведоци сте дека видовме десетина пропагандни настапи на градоначалникот Марин и нему блиски невалдини органзиации финансирани од владини или општински пари во врска со загадувањето но, не видовме ниту еден реален и практичен зафат околу тоа.

Приказни има еден тон, секоја недела некоја нова и ново ветување, но ниту еднаш нема чекор кон решавање на проблемот. Со приказни можете да замајувате некого некое време но, секое утро граѓанин на Аеродром се соочува со проблемот кој останал нерешен: станува и дише загаден воздух, нема паркинг, детето нема градинка и училиште, мора да патува по десет километри за обична здравствена услуга, ѓубре насекаде по улиците... а после недела дена градоначалникот Марин ќе му даде нова пропагандна приказна.

Главното прашање е дали има жител на Аеродром кој е задоволен од општината? Мислам, знаејќи го сето ова што ви го посочив претходно, одговорот сам се наметнува.

  • Општината има пари, луѓето редовно плаќаат давачки. Каде одат нивните пари за кои одлучува градоначаникот Златко Марин и мнозинството на неговата партија во Аеродром?

Не сум човек кој критикува без аргументи, и ќе говорам низ егзактни бројки.

Годината што измина општината имаше екстремно ниски 31 проценти капитални инвестиции и исклучително ниски 32 проценти расходи за комунални дејности, за градба на канализации или водоводи. Од сите пари на општина Аеродром помалку од една третина, само 31-32%, се потрошени за реалните потреби на граѓаните! Две третини од буџетот е загубен за ветер и пропганда.

Во 2019 година имавме само 5 проценти учество на капитални инвестиции во вкупните расходи. Значи дури и да се обезбедат пари, општината не ги реализира тие пари за капитални инвестиции, ниту пак за раст и развој на самата општина, и тука се поставува прашањето на што се трошат парите од општинскиот буџет кога гледаме дека капиталните инвестиции едвај надминуваат 30 проценти.

Впрочем, погледнете ги само коментарите на граѓаните на официјалната ФБ страна на општината и ќе процените колку тие се “задоволни” од работењето во изминатите четири години.

Замислите, сумата која се издвојува за локален економски развој е нула денари, додека во исто време 300.000 евра се трошат за набавка на софтвер за географски информациски систем од кој ниту еден жител на Аеродром нема фајде, а таков систем веќе постои во градскиот Катастар.

Додадено на ова бетонизацијата безмилосно продолжува. Општината и градоначалникот Марин за 10 месеци од 2020 година одобриле градба на 1.155 станови, или над 63 илјади м2 нов стамбен простор. Граѓаните бараа нови паркови, градинки, паркинзи а добија нови 1.155 станови што значи нови проблеми и нов бетон.

Давањето на дозволи за градба е масовно, без план и обезбедена инфраструктура, затоа што тој процес овозможува корупција, профит за општинските функционери. Постојано се даваат решенија, одбренија за нови згради а ни за постојните нема доволно паркинзи, зелени површини, контејнери, нема градинки и училишта. Аеродорм за овие четири години стана бетонска тврдина без услови за нормален, а камоли за некаков европски живот.

  • Но, градоначалникот Марин направи кампања дека "Патот до Европа почнува од Аеродром" најавувајќи нов голф терен и игралиште. Кој е вашиот став?

Тоа со “Европа почнува од Аеродром“ е само уште една пропагандна приказна на Златко Марин платена од буџетот на некоја од неговите агенции и невладини организации за пропаганда. Не можете децата дома да ги нахраните пуштајќи им спотови за сендвичите во Мекдоналд.

Сметам дека e проблем што градоначалникот Марин за 4 години власт потроши приближно 70 милиони евра или 4 буџети на граѓаните, а го памтиме само по најавите за нов голф терен кој ќе се случи во некое идно време.

Секој еден жител на Аеродром треба да знае дека Марин потроши 70 милиони евра, а нема ниту еден проект кој граѓаните ќе го паметат. На Аеродром му треба системски развој како сите европски развиени општини, а не флоскули, пропагандни кампањи, само најави во идно време за Голф терени. На граѓаните им е преку глава квалификацијата “ќе”, туку со право бараат конкретни резултати.

Поважно за мене е што Аеродром се гуши во смог, Лисиче нема нов асфалт, Скопјанка и Мичурин се борат за паркинг простор, а не што се формира претпријатие за Голф.

Тоа претпријатие за Голф е нов трошок, и можност за нова корупција, чини пари, директор, простории, вработени, годишен буџет, пари кои покорисно може да се искористат за реални потреби на граѓаните кои секако нема да играат голф додека децата немаат каде да им одат во градинка.

Се трошат пари за лампиони и светилки за Нова Година, а нема ставка за нови зелени површини. Општината троши половина милион евра за метларки од фирмата на екс вицепремиерот Анѓушев, а нема ниту денар за борба против аерозагадувањето, многу лесно се препознава фактот дека се измешани приоритетите. А најголем приоритет им е заработка преку корупција. Важно на Анѓушев му се наполнила сметката, другото може да чека.

Единствено каде што има развој е бетонизацијата, затоа што тоа е прашање на пари и полнење на приватни џебови, тоа мора да се стопира и плански да се гради. На Аеродром му треба план, а жителите да почувствуваат сигурност и партнер во општинските власти.

  • Видлива е таа разлика помеѓу она што граѓаните го бараат од Марин и тоа што градоначалникот им го ветува, па дури ни ветеното не го исполнува. Во кој правец го гледате реалниот развој на Аеродром?

Нема тука многу дилеми како треба. Онака како што работат успешните: стручно, плански и законски. Да се тргне од потребите на граѓаните и можностите на буџетот. Без пропаганда и без приказни, само низ стручна и посветена тработа. Споредете само што и како е направено во општина Аеродром сега со времето пред мандатот на градоначалникот Златко Марин. Нема мандат кој е полош од овој сега на Марин.

Не смее во 21 век за нас да е вест асфалтирање на улица, тоа мора да е редовна активност на една општина. Мора Аеродром да се преобрази во зелена оаза каде жителите ќе почувствуваат грижа од општинските власти, не смее да се има проблем со водовод, канализација, немање место во градинка и со години ништо да не се презема во врска со тоа. А парите од буџетот - се потрошиле.

Во Аеродром треба да се градат капитални објекти за јавна употреба, а не бетонски спални на секое празно ќоше. Каква е тоа најурбана општина без јавни содржини, без нови училишта, паркови, без нови паркинзи, без доволно контејнери, улична расвета која со години не функцинира. Поплавени улици. Контејнери преполни со ѓубре. Што е тука урбано?

Мора да се стави крај на бетонизацијата и да се понуди плански развој. Одржив и стручен. Не смее да се гради зграда без паркинг место за секое семејство, без доволно зелен простор кој ќе се испланира претходно, без обезбедни места во градинка и школо. Сето тоа е работа на општинската власт и тоа мора да се промени. И ќе се се смени.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk