Денес е Први април – денот кога смеата е задолжителна, а „лажењето“ е дозволено само ако е со добра намера! Скопските улици веќе се преплавени од мали суперхерои, преслатки пчелки и ликови од омилените цртани филмови кои носат магија на секој чекор.
Централната забава ќе се одржи во Градскиот трговски центар (ГТЦ), каде под покровителство на Град Скопје, ЈУ Детски културен центар „Карпош“ ја организира традиционалната „Априлијада“. Програмата започнува во 10:30 часот.

Настанот вклучува ревија на маскирани деца од градинки и основни училишта, танцови точки, настапи на балетската секција при ДКЦ „Карпош“, солисти од ЗОО Азбука, студијата Бреак А Лег и Марбал, како и „Златните славејчиња“.
Посебна атракција за посетителите ќе бидат настапите на кловнови, маскоти од познати цртани филмови како и пантомимичар, кои преку интерактивна забава и хумор ќе создадат вистинска карневалска атмосфера и ќе ја раздвижат публиката.
За крај, публиката ќе ужива во сегменти од детскиот мјузикл „Аладин и волшебната ламба“ изведени на македонски јазик од студиото Бродвеј јуниор.
Настанот е наменет за деца, родители и поширока јавност, со цел да ја поттикне детската креативност, уметничкиот израз и духот на заедништво. Едноставно, „Априлијада“ е забава за сите генерации.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата