logo
logo
logo

Македонско богатство со светски сјај: ARCHAEOLOGY MAGAZINE воодушевен од нашиот неолит

Vecer | 01.04.2026

Македонско богатство со светски сјај: ARCHAEOLOGY MAGAZINE воодушевен од нашиот неолит

Македонското културно богатство повторно се најде во фокусот на светската научна јавност. Престижното списание „Archaeology Magazine“, кое се смета за еден од највлијателните глобални медуми во оваа област, објави посебен прилог посветен на уникатните неолитски антропоморфни модели на куќи од Македонија. Според Центарот за истражување на предисторијата, ваквиот меѓународен публицитет претставува врвно признание за вредноста и автентичноста на нашето археолошко наследство.

- Во најновиот број на Archaeology Magazine е објавен напис за древните модели на куќи во светот, со посебен осврт на оние откриени во Македонија. За овој прилог консултиран е археологот Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата, кој во разговор со уредникот на списанието ги акцентира најважните општествени промени во неолитот и нивните симболички рефлексии врз материјалната култура. Притоа е истакнат обредниот карактер на неолитските куќи, кој бил отелотворен токму преку антропоморфните модели на куќи, првин изработени во Пелагонија, а потоа и во другите региони на Македонија. Прилогот во ова списание воедно ја образложува и функцијата на антропоморфните модели како комеморативни ламби, користени во чест на основачите на неолитските куќи и на оние што духовно се грижеле за нив - наведува Центарот за истражување на предисторијата.

Посочува и дека објавениот прилог за овие предисториски артефакти од Македонија предизвикувал големо внимание меѓу читателите во светот.

- Тоа го покажува љубопитството на светската јавност за нивната загадочна улога. Интересот на едно вакво врвно списание за нашите антропоморфни модели покажува дека тие се соодветно презентирани во истакнати меѓународни публикации од страна на неколку македонски археолози. Сепак, неопходна е уште поголема афирмација и заштита на едни од најуникатните артефакти во Македонија, кои заслужуваат уште поголемо присуство во светската јавност. Во секој случај, и овој прилог на Archaeology Magazine прави голем чекор кон приближување на овие извонредни предисториски предмети кон љубителите на минатото и отвора нови порти за нивно натамошно меѓународно презентирање и проучување - се наведува во соопштението.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk