Град Скопје започна засилени активности за уредување на Водно, во пресрет на периодот кога се очекува зголемена посетеност. Акцијата опфаќа уредување на зеленилото, патеките и урбаната опрема.
„Водно е местото каде што граѓаните го наоѓаат својот мир, свеж воздух и природна убавина што го збогатува секојдневието“, посочи градоначалникот Орце Ѓорѓиевски велејќи дека оваа парк-шума е засолниште и инспирација за скопјани, поради што се преземаат конкретни чекори за нејзино унапредување.
Во тек е акција за кастрење на нараснатата вегетација и расчистување на просторот. Паралелно се уредуваат велосипедските патеки.
Патеките се со ширина од 2,5 до 3 метри и вкупна должина од околу 5 километри, со што се подобрува безбедноста и удобноста за посетителите.
„Издаден е налог до ЈП ‘Паркови и зеленило’ за целосна реконструкција на урбаната опрема – клупи, канти, мостчиња и патеки“, вели Ѓорѓиевски.
Целта е Водно да добие уреден и современ изглед, со подобри услови за рекреација.
Градоначалникот најави и дека во соработка со Црвениот крст, во текот на летото ќе има постојано присуство на спасители-волонтери. Тие ќе бидат подготвени да интервенираат во случај на несреќи или итни ситуации.
Активностите ги реализираат екипи од јавните претпријатија, кои работат со зголемен интензитет на одржување и заштита на просторот.
Остануваме посветени на заштитата и унапредувањето на Водно како едно од најзначајните природни богатства“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата