logo
logo
logo

Зимска бура предизвика вонредна состојба во неколку американски држави

Vecer | 06.01.2025

Зимска бура предизвика вонредна состојба во неколку американски држави

Властите издадоа предупредувања за опасно време за околу 60 милиони луѓе, а вонредна состојба е прогласена во неколку држави, меѓу кои Канзас, Кентаки, Арканзас, Западна Вирџинија и Вирџинија.

Бурата се движеше од Средниот Запад кон Средниот Атлантик, при што Вашингтон се подготвува за денешните обилни снежни врнежи и студено време.

Канзас и северозападниот дел на Мисури се соочуваат со снежна бура, соопшти Националната метеоролошка служба. Патиштата се покриени со снег и мраз, а властите ги повикуваат жителите да избегнуваат патувања. Голем дел од главниот автопат во Канзас - Меѓудржавен 70 - е затворен цел ден поради обилниот снег и мразот.

Од јужниот дел на Охајо до Вашингтон се очекува таложење на снег од 15 до 30 см. Стотици училишта во областа однапред најавија дека нема да бидат отворени на првиот ден од неделата поради невремето, вклучително и јавните училишта во Индијанаполис, Индијана, Синсинати, Охајо, Вашингтон, Дистрикт Колумбија и Филаделфија, Пенсилванија.

Во северниот дел на Кентаки и јужна Западна Вирџинија, замрзнатите дождови и снежните наноси ќе доведат до „опасни акумулации на мраз“, соопшти Националната метеоролошка служба. Во исто време, сојузните држави Арканзас, Луизијана, Мисисипи и Алабама имаат предупредувања за силни грмотевици кои можат да предизвикаат торнада.

Лошото време принуди да се откажат стотици летови, вклучително и повеќе од 275 во Канзас Сити и Сент Луис, Мисури.

Бурата ќе се оддалечи од брегот на САД вечерва, но ќе донесе замрзнување на арктичкиот воздух, што според метеоролошката служба ќе доведе до дневни температури кои ќе бидат неколку степени под просекот низ областите од средниот запад до источниот брег./МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk