Стотици, па дури и илјадници луѓе би можеле да ги изгубиле животите во урнатините на циклонот Чидо, велат властите. Невремето опустоши голем дел од архипелагот во близина на источниот брег на Африка, кој е најсиромашниот прекуокеански територијален посед на Франција и една од главните дестинации за илегална имиграција, наведува Ројтерс.
Со оглед на тоа што многу области сè уште се недостапни, може да поминат неколку дена пред да се знае целосниот обем на штетата и бројот на жртвите. Досега се потврдени 22 смртни случаи, а повеќе од 1.400 се повредени, изјави денеска Амбдилваеду Сумаила, градоначалник на главниот град Мамуџу, за Радио Франс Интернационал (RFI).
„Денеска приоритет се водата и храната“, рече Сумаила. „Има луѓе кои починале, за жал, а нивните тела веќе почнуваат да се распаѓаат, што може да создаде санитарен проблем.“
„Немаме струја, кога ќе се стемни, има и такви кои ја користат таа ситуација.“
Дваесет тони храна и вода треба да почнат да пристигнуваат по воздушен и морски пат, соопшти владата вчера вечерта. Додаваат и дека 50 отсто од водоснабдувањето ќе биде вратено во рок од 48 часа, а 95 отсто во текот на неделата.
Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека полициски час ќе важи од вечерва, од 22 до 4 часот по локално време.
Спасувачките тимови бараат преживеани во урнатините на сиромашните квартови кои беа разнесени од ветрови со брзина од 200 км/ч. Чидо е најсилната бура што го погодила Мајот во повеќе од 90 години, соопшти француската метеоролошка служба Метео Франс.
Неколку луѓе се спасени во Мамуџу, изјави за Ројтерс Ситируза Соили, офицер за комуникации во градската администрација, додавајќи дека повеќе од 700 припадници на безбедносните сили се мобилизирани да им помогнат на жителите и да обезбедат безбедност.
Естел Јусуфа, пратеник од Мајот, рече дека над Мајот владеела морничава тишина, дури ни муслиманскиот екан за молитва не се слушал од оштетените џамии. Таа рече дека многу училишта се уништени, додека други се користат како засолништа.
Францускиот претседател Емануел Макрон по вонредната седница на владата вчера вечерта изјави дека ќе го посети Мајот во наредните денови.
Мајот се соочи со немири во последниве години, со многу жители бесни поради илегалната имиграција и инфлацијата.
Повеќе од три четвртини од околу 321.000 жители живеат во релативна сиромаштија, а се проценува дека околу една третина се мигранти без документи, главно од блиските Комори и Мадагаскар.
Територијата стана упориште на екстремната десница, при што 60 отсто од жителите гласаа за Марин Ле Пен во вториот круг од претседателските избори во 2022 година.
Вршителот на должноста француски министер за внатрешни работи Бруно Ретаљо на прес-конференција во Мајот изјави дека системот за рано предупредување функционира „совршено“, но дека многу мигранти без документи не отишле во засолништа. Други официјални лица рекоа дека мигрантите без документи можеби се плашеле дека ќе бидат уапсени доколку се засолнат таму.
Билансот на циклонот, рече Ретајо во подоцнежната објава на платформата X, ја нагласува потребата да се реши „прашањето со миграцијата“.
„Мајот е симбол на распаѓањето што властите го дозволија по ова прашање“, рече тој. „Законите ќе бидат неопходни за Франција да ја врати контролата врз имиграцијата во Мајот, како и на остатокот од националната територија.“
Левичарските политичари, сепак, ја обвинуваат владата за, како што велат, запоставувањето на Мајот и неуспехот да се подготви за природни катастрофи поврзани со климатските промени.
„Циклон, поттикнат од климатските промени, погоди напуштен француски територијален посед. Се очекуваат стотици, па и илјадници мртви. А вие пишувате дека проблемот на Мајот е... имиграцијата. Одвратно“, напиша Мелани Фогел, сенаторка од Европа Екологија , како одговор на објавата на Ретај на платформата Х.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата