logo
logo
logo

Зеленски, откако лидерите на ЕУ одобрија испорака на муниција: Побрзајте

Vecer | 23.03.2023

Зеленски, откако лидерите на ЕУ одобрија испорака на муниција: Побрзајте

Министрите за надворешни работи и министрите за одбрана на земјите-членки во понеделникот постигнаа политички договор за планот за набавка на милион артилериски проектили од 155 милиметри во следната година.

За ова ќе бидат обезбедени една милијарда евра од европскиот мировен инструмент за набавка на муниција од постојните залихи, а уште една милијарда за нарачката на муниција со калибар 155 мм за пополнување на исцрпените залихи.

  „Имајќи ги предвид безбедносните и одбранбените интереси на земјите-членки, Европскиот совет го поздравува договорот на Советот на ЕУ за итна испорака на артилериска муниција во Украина и, доколку се бара, ракети, преку заедничката набавка и со мобилизирање соодветни средства од Европскиот инструмент за мировна помош да обезбеди милион парчиња артилериска муниција во следните 12 месеци“, се вели во заклучоците на Европскиот совет.

Ова е првпат во историјата на ЕУ заеднички да набавува оружје и муниција. На лидерите на ЕУ преку видео-врска на самитот им се придружи украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој денеска ги посети градовите на истокот кои се под руска опсада.

Зборувајќи од возот, Зеленски им порача на лидерите на ЕУ „да побрзаат со испораката на оружје, инаку војната ќе продолжи уште повеќе“. Според дипломатски извори, Зеленски им рекол на европските лидери дека не е сигурен уште колку ќе издржи. „Се уште постои можност за победа оваа година, но за тоа мора да работиме многу брзо и заедно. Само така можеме да ја победиме Русија“, рекол Зеленски, според тој извор.

Европскиот совет уште еднаш остро ја осуди руската агресија и повика на почитување на меѓународното хуманитарно право, вклучително и во третманот на воените заробеници. Сексуалното и родовото насилство е остро осудено и Русија е повикана веднаш да обезбеди безбедно враќање на насилно однесените луѓе во Русија, особено децата.

Европскиот совет, исто така, „ја забележува“ на неодамнешниот налог за апсење на рускиот претседател и руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова за воени злосторства и илегална депортација и трансфер на украински деца од окупираните украински територии во Русија. Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен го нарече киднапирањето на 16.200 деца, од кои само 300 се вратени, „незамисливо злосторство“.

„Мораме да направиме сѐ за да ги вратиме, да ги здружиме силите на ниво на ЕУ, да соработуваме со ОН, да ги искористиме сите достапни алатки. Тоа би можело да биде задача за неколку години“, рече Урсула фон дер Лајен, според дипломатски извори.

Таа повика и на забрзана испорака на оружје и муниција за Украина и најави дека Комисијата наесен ќе претстави стратегија за развој на европската одбранбена индустрија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk