logo
logo
logo

Зеленски од Молдавија: Потребна е јасна одлука на НАТО за нашето членство

Vecer | 01.06.2023

Зеленски од Молдавија: Потребна е јасна одлука на НАТО за нашето членство

Обраќајќи им се на лидерите на почетокот на состанокот во формат кој ги собра сите европски земји освен Русија и Белорусија, Зеленски побара од членките на НАТО да донесат јасна одлука дали да ја примат Украина. Тој, исто така, ги повтори своите повици Украина да биде снабдена со борбени авиони.

Украинскиот претседател го упати својот повик во време кога продолжуваат отворените спорови меѓу северноатлантските сојузници околу брзината на членството на Украина. Некои од нив стравуваат дека брз потег може да ја доведе Алијансата во директен конфликт со Русија.

Состанокот на лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ и на 20 други европски земји се одржува на само неколку десетици километри од Придњестровје, отцепениот молдавски регион каде се стационирани руските сили.

Европските лидери ја користат оваа можност како симболична презентација на Украина и Молдавија, две земји кои го добија статусот на кандидати за членство во ЕУ, но и за да разговараат за други прашања како што се насилството на Косово и постигнувањето долгорочен мир меѓу Ерменија и Азербејџан.

Самитот се одржува под будното око на авионите на НАТО. Тоа е веројатно најголемиот политички настан во историјата на таа поранешна советска република со 2,5 милиони жители, која граничи со Украина и е под притисок на Русија. Молдавија го затвори својот воздушен простор за сите авиони освен за делегациите.

„Ова е година за одлуки“, рече Зеленски, зборувајќи на англиски. „На летниот состанок на НАТО во Вилнус, на Украина ѝ треба јасна покана, како и безбедносни гаранции на патот кон членството“, додаде тој.

Зеленски рече дека надежите на Украина се засноваат на единството на НАТО и додаде дека Киев работи на организирање самит на кој треба да се разговара за начините за завршување на војната, но дека се уште не е одреден датум.

Украинскиот претседател во Молдавија повика на безусловно отстранување на ограничувањата за извоз на украински земјоделски производи. Проевропската претседателка на Молдавија Маја Санду, чии односи со Москва значително се влошија од почетокот на инвазијата на Украина, го користи самитот за да го забрза патот на Молдавија кон Европската унија.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ден претходно изјави дека Молдавија и покрај сите притисоци многу брзо напредува кон членството.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk