logo
logo
logo

Здравствените работници во Франција од денеска мора да се вакцинираат

Vecer | 15.09.2021

Здравствените работници во Франција од денеска мора да се вакцинираат

Француската влада се соочува со отпор од десетици илјади здравствени работници кои се противат на новата мерка за задолжителна вакцинација.

Болничкиот персонал, возачите на возилата за прва помош, персоналот во старските домови, приватните лекари, пожарникарите и оние што се грижат за најстарите во нивните домови, вкупно 2,7 милиони луѓе, мора да имаат потврда дека примиле барем една доза вакцина. Во спротивно, им се заканува суспензија без плата.

Претседателот Емануел Макрон го објави ултиматумот пред два месеца, но десетици илјади негуватели се уште не се вакцинирани. Еден од најголемите француски синдикати во јавниот сектор, тврдокорниот CGT, предупреди на здравствена катастрофа во случај ако владата навистина се реши да суспендира голем број здравствени работници и приватни лекари.

На здравствените работници кои се противат на ваквите владини мерки им се придружија и противниците на здравствените сертификати за влез во ресторани, кафулиња и музеи, кои протестираат на улиците во Франција секоја недела веќе два месеца. Вчера неколку стотици луѓе беа собрани на протести пред Министерството за здравство во Париз, пренесува агенцијата „Франс прес“.

„Без разлика дали сме вакцинирани или не, ние се противиме тоа да стане задолжително“, рече 57-годишната медицинска сестра Валери.

Телевизијата БФМ објави дека болница во јужниот град Монтелимар започнала да откажува операции закажани за следната недела, бидејќи нема доволно вакцинирани анестезиолози. Проценките на државната агенција за јавно здравје покажуваат дека околу 12 проценти од персоналот во болниците и шест проценти од приватните лекари не се вакцинирани.

Амел Бенотман, 41-годишен медицински техничар вработен во психијатриска клиника во северниот град Лил, вели дека е премногу загрижен за несаканите ефекти од вакцината за да ја прими, дури и ако тоа значи губење на работата.

„Веќе имав блага форма на Ковид-19 и мислам дека во мојот случај ризиците се поголеми од придобивките“, рече тој за време на протест во саботата.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk