logo
logo
logo

Втора светска војна и нацизам: КАКО БЕА СПАЛЕНИ КНИГИТЕ ОД 34 ГРАДОВИ

Vecer | 10.05.2021

Втора светска војна и нацизам: КАКО БЕА СПАЛЕНИ КНИГИТЕ ОД 34 ГРАДОВИ

Пред 88 години, во 34 универзитетски градови во Германија беа запалени книгите на Маркс, Енгелс, Ремарк, Фројд, Ајнштајн, Хесе...

Нацистичката влада во Германија, како и многу други тоталитарни режими ширум светот, се обиде да воспостави контрола над сите сфери на општеството со силна желба да ги стави под јарем мислите, јазикот и културното наследство на населението.

До кој степен Адолф Хитлер се обиде да ги контролира животите на Германците и да ги придобие луѓето кон нацизмот покажува влијанието на нацистите врз сите области на културата.

На 10 мај 1933 година, на удар се најдоа книгите.

И тоа оние кои биле олицетворение на „негерманскиот дух“  според Сојузот на германски студенти, тесно поврзан со Националната социјалистичка работничка партија на Хитлер.

Во Германија „сите што се обидоа да размислуваат независно“ беа под напад, вели Божидар Јакшиќ, пензиониран социолог и поранешен директор на Институтот за филозофија и социјална теорија на универзитетот во Белград.

Делата на Карл Маркс, Фридрих Енгелс, Томас и Хајнрих Ман, Хелен Келер, Ерих Гарсија Ремарк, Сигмунд Фројд, Франц Кафка, Херман Хесе, Алберт Ајнштајн и многу други „несоодветни“ автори беа запалени на улиците и плоштадите на 34 универзитетски градови во Германија.

Што се случи на 10 мај 1933 година?

Нацистите  направија список со повеќе од 2.500 забранети автори и поттикнаа на палење книги кои што ги оспоруваа нацистичките идеи и вредности.

Акцијата на студентите, која кулминираше на плоштадот пред градската опера во Берлин беше насочена против сè што не беше во согласност со нацистичката идеологија.

Од еврејската култура и литература на германски јазик, до разни социјални и политички концепти како што се социјализам, комунизам, пацифизам, демократија и религија.

Овој „националсоцијалистички, псевдопагански ритуален чин е доказ за антиинтелектуализмот на режимот“, и покрај фактот што креаторите и следбениците на таа идеологија се повикаа на супериорноста на германската култура, смета Милан Ристовиќ, редовен професор на Одделот за општо Современа историја на Филозофскиот факултет во Белград.

„На националсоцијализмот едноставно не му беа потребни“, додаде тој.

Меѓу цензурираните писатели беше и Хајнрих Хајне, германски поет со еврејско потекло од 19 век, кој своевремено напиша дека „каде што ќе се палат книги, ќе се палат и луѓе“.

Тоа се оствари кога беше поставен темелот на националсоцијалиситчката индустрија на смртта во логорите ширум Европа, подвлекува Ристовиќ.

Како настана огнениот пир?

Настаните што се случија на 10 мај не се случија одеднаш.

Канцеларијата за медиуми и пропаганда на Сојузот на германски студенти го објави почетокот на „Акција против негерманскиот дух“ на 6 април 1933 година, во рамките на која беше планирано „чистење“ на германскиот јазик и култура од несакани содржини .

Само два дена подоцна, истата организација објави пакет барања наречени Дванаесет тези.

Во овој документ, според моделите на 95-те теџи на Мартин Лутер од 1517 година, студентите се залагаа за зачувување на „чистотата“ на германскиот јазик и култура, повикувајќи ги другите студенти и професори да покажат посветеност на германскиот дух и традиција.

Неколку од најрадикалните тези се однесуваа на еврејското прашање.

Припадниците на оваа етничка група се „најопасните непријатели“ на германскиот народ и „странците“ на кои треба да им се забрани да објавуваат дела на германски јазик, истакнаа авторите на Дванаесетте тези.

„Национализмот ја заробува човечката душа и нема бениген национализам.“

„Секој национализам носи трагедија за сè што е различно “, вели Јакшиќ, еден од рецензентите на делото „Книгоцид: Уништување на книгите во Хрватска во 90-тите години на минатиот век“ од Анте Лешаја.

Говорот на Гебелс и прогонството на интелектуалците

Кога студентското движење ги радикализираше активностите против сите оние кои преку пишаниот збор зазедоа позиции против националсоцијализмот, стана јасно дека тие имаат поддршка од државниот апарат.

„Она што е проблематично е тоа што стимулацијата навистина дојде од врвот, пред се од Министерството за пропаганда, на чие чело беше шефот на нацистичката пропаганда, Јозеф Гебелс“, вели професорот Ристовиќ.

За издавање на книги беше потребна дозвола.  А, Гебелс го искористи сопствениот роман - Михаел - како модел за „соодветна литература“.

Студенти, од кои некои беа облечени во униформи на СС дивизија носеа други нацистички симболи, испорачаа повеќе од 20.000 примероци од дела кои се сметаа за „негермански“ на плоштадот пред Берлинската градска опера на 10 мај.

Книгите беа земени од универзитетите и другите библиотеки низ целата земја.

Повеќе од 40 000 луѓе се собраа на тоа место, додека милиони Германци го слушаа преносот во живо преку радио.

Додека книгите гореа, Гебелс се обиде да ги запали масите во Берлин и низ цела Германија и да ги зајакне убедувањата за постоењето на внатрешни непријатели меѓу приврзаниците на Националсоцијалистичката партија.

Обраќајќи им се на студентите, Гебелс ги повика „да кажат не за декаденцијата и неморалот“ и дека „ерата на еврејскиот интелектуализам е завршена“.

Тој ги нарече авторите на изгорените дела „интелектуална нечистотија“ на германскиот народ, повикувајќи ги студентите „да го предадат пламенот на злите духови од минатото“.

Ерих Кеснер, авторот на сатиричниот роман Фабијан, кој нацистите го сметаа за несоодветен, беше сведок на чинот на палење на неговите сопствени дела кога беше обележан како предавник и болшевик.

И покрај тоа, Кеснер е еден од ретките истакнати германски интелектуалци кои не ја напуштиле својата татковина во текот на триесеттите години на минатиот век.

Списокот на оние кои побегнаа од репресијата на режимот е многу подолг.

Скоро сите истакнати членови на Франкфуртската школа, ја напуштија земјата набргу после тоа во мај 1933 година, забележува социологот Божидар Јакшиќ.

Писателите Ернст Вајс и Хајнрих Ман заминаа во Франција, Томас Ман најде привремено засолниште во Швајцарија, по што се пресели во САД.

Алберт Ајнштајн се одрече од германското државјанство и по неколку месеци поминати во Белгија и Велика Британија, тој исто така емигрираше во САД.

Ристовиќ смета дека нацизмот отуѓи цела генерација врвни германски интелектуалци од тоа време од германската културна традиција, додавајќи дека режимот сакаше да создаде интелектуалци кои ќе бидат „дел од целиот пропаганден механизам“.

Сепак, имаше и такви кои ги поддржуваа принципите врз кои се засноваше Националсоцијалистичката партија.

„Од друга страна го имате Хајдегер, како водечки германски и европски филозоф од првата половина на тој век, кој го прифати и го поздрави доаѓањето на нацизмот“, рече професорот на Филозофскиот факултет во Белград.

Преку некои од неговите дела, како што се „Црни томови“, антисемитските ставови може да се препознаат како доказ дека неговиот став кон тогашниот режим не бил само „брак од интерес“, објаснува тој.

Миграцијата на интелектуалците од Германија по 1933 година, но и од цела Европа пред и за време на Втората светска војна, претежно во САД, ја смени културната, литературната и научната сцена на стариот континент.

Тоа го смени фокусот на европскиот интелектуален живот преку Атлантикот, вели Ристовиќ.

Како настана библиотеката на забранети книги?

Заслугата за опстанокот на отстранетите книги од нацистичкиот период му припаѓа на Џорџ  Салцман, Германец чиј татко и дедо го поддржуваа националсоцијалистичкиот режим, додека тој беше член на Хитлеровата младоста за време на адолесценцијата и учествуваше во војната.

Неговиот татко изврши самоубиство во 1945 година по капитулацијата на Германија, а Салцман беше ранет како малолетен војник во војната.

Тој започна да собира книги што беа забранети за време на нацистичкиот режим во Германија во 1976 година, а до смртта во 2013 година, тој успеа да собере околу 12 000 примероци.

Библиотеката на Универзитетот во Аугсбург ја купи неговата колекција во 2009 година, која сè уште се смета за најголема приватна збирка литература која нацистите ја сметаа за непожелна.

„Неговата колекција главно се состоеше од дела објавени значително пред 1933 година, но тие книги подоцна станаа трн во око на нацистите од различни причини“, објасни за Би-Би-Си во 2019 година Герхард Смурф, библиотекар во Универзитетската библиотека во Аугсбург.

Тој додава дека самоубиството на неговиот татко влијаело тој да се оддалечи од националсоцијалистичките идеи и неговата одлука да се посвети на собирање некогаш забранета литература.

Првата копија што ја купил Салцман е „Борба од 1916 година“, напишана од Ернст Вајс, еврејски лекар кој ја напушти Германија засекогаш во 1934 година и се пресели во Париз, каде се самоуби во 1940 година, откако германските трупи влегоа во престолнината на Франција.

Не беше лесно да се убеди овој колекционер да предаде колекција книги што гореа низ Германија во текот на 30-тите години на минатиот век, бидејќи Салцман стравуваше дека тие нема да бидат достапни за секој што сака да ги набави, вели Струмф.

Затоа, Универзитетската библиотека во Аугсбург се погрижи тие да бидат достапни на отворен дел од институцијата за секој што е заинтересиран.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk