Врховниот Суд на Соединетите Американски Држави донесе пресуда со која се ограничува правото на федерални судии да воведуваат блокади на извршните наредби на претседателот на национално ниво.
Оваа одлука следува по контроверзиите што ги предизвикаа спорните укази кои се однесуваа на укинувањето на правото на државјанство по основ на раѓање на територијата на САД за децата на илегални имигранти, иницирани од претседателот Доналд Трамп.
Федералните судии кои го спречија спроведувањето на указите на Трамп сметаа дека тие се во спротивност со 14-тиот амандман од Уставот на САД, каде се вели: „Сите лица родени или натурализирани во Соединетите Држави и кои се под нивна јурисдикција се сметаат за државјани на САД.“
Сепак, со најновата пресуда, Врховниот Суд не се изјасни за уставноста на тие укажи на Трамп – прашање кое во иднина може повторно да се најде на дневен ред пред највисокиот суд.
Одлуката беше донесена со идеолошко мнозинство – шест судии се изјаснија за, а тројца против. Конзервативните судии имаат преовладувачка позиција во судот, а тројца од нив беа лично назначени од Доналд Трамп.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата