Новата бројка уследи откако саудиските власти објавија дека уште три лица се егзекутирани вчера. Министерството за внатрешни работи соопшти дека погубувањата се извршени во Мека откако осудените беа прогласени за виновни за убиство. Бројот на егзекуции оваа година го надминува претходниот рекорд од 2024 година, кога, според достапните податоци, беа егзекутирани 338 лица.
Според организациите за човекови права „АЛКСТ“, „Амнести интернешнл“ и „Реприв“ бројката за 2024 година е уште поголема - 345 егзекуции.
Поголемиот дел од егзекуциите оваа година, вкупно 232, беа во случаи поврзани со дрога. Некои од смртните казни беа изречени и за дела класифицирани како тероризам.
Саудиска Арабија ја продолжи смртната казна во случаи поврзани со дрога кон крајот на 2022 година, по суспензија од околу три години. Значителен број од оние што се егзекутирани оттогаш се странски државјани. Во последните месеци, властите егзекутираа и две лица кои, според организациите за човекови права, биле малолетни во времето на извршување на злосторствата, што е забрането според меѓународното право, вклучително и Конвенцијата на ОН за правата на детето, на која Саудиска Арабија е потписничка.
Во 2020 година, саудиските власти објавија дека ќе го укинат дискреционото право на судиите да изрекуваат смртна казна на малолетни сторители, повикувајќи се на кралски декрет. Сепак, според организациите за човекови права, имало неколку случаи на егзекуции на лица осудени за злосторства извршени додека биле под 18 години.
„АЛКСТ“ соопшти дека идентификувала уште пет лица кои биле малолетни во времето на извршување на нивните злосторства и кои се изложени на непосреден ризик од егзекуција. Според Амнести Интернешнл, Саудиска Арабија имала трет најголем број егзекуции во светот во 2022, 2023 и 2024 година, зад Кина и Иран.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата