logo
logo
logo

Во Шпанија стапи на сила Закон за легализација на евтаназија

Vecer | 25.06.2021

Во Шпанија стапи на сила Закон за легализација на евтаназија

Стапи на сила шпанскиот закон што ја легализира евтаназијата и потпомагање во самоубиство, со што Шпанија стана четврта европска земја, по Холандија, Белгија и Луксембург, која што им овозможува на луѓето да го завршат животот во одредени околности.

Но, целосната имплементација на законот веројатно ќе потрае, бидејќи сè уште не е воспоставена постапка за целата земја.

Парламентот го одобри предлог-законот предложен од левичарската влада на премиерот Педро Санчез пред три месеци. Против беа претставниците на конзервативната Народна партија и крајно десничарските популисти на партијата Вокс, како и на две помали партии. Вокс поднесе уставна жалба, но тоа не спречи законот да стапи на сила. Католичката црква е исто така против законот.

Законот им овозможува на лекарите да вршат активна евтаназија кај возрасни пациенти кои се терминално или сериозно болни и страдаат од неиздржливи болки. Менталното заболување не може да биде причина за евтаназија.

Законот, исто така, дозволува индиректна евтаназија во форма на асистирано самоубиство, што значи дека пациентот помага при извршување на постапката. Процесот има неколку фази и вклучува неколку лекари, адвокати и комисии.

Пациентот мора четири пати да даде изјава дека сака да стави крај на својот живот. Ако веќе не е целосно присебен, може да се разгледа изјава која ја има потпишано претходно дека сака асистирано самоубиство во случај на терминално заболување и неподносливо страдање.

Лекарите и негувателите исто така имаат право да не учествуваат во евтаназија поради приговор на совеста.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk