Некои локални политичари, свештеници, полицајци и пожарникари се меѓу оние кои примиле вакцина против коронавирус ширум Германија, иако не се во групата луѓе на првата приоритетна листа, јави ДПА .

Здравствените власти ги ставаат во прва приоритетна група оние над 80 години и вработените во болници, медицински клиники, домови за стари лица и центри за вакцинација, т.е. сите оние кои, поради природата на нивната работа, се изложени на висок ризик од зараза.

Градоначалниците, советниците и локалните политичари, пишува ДПА, биле вакцинирани преку ред во Долна Саксонија, Северна Рајна-Вестфалија и Баварија.

Во Хамбург се вакцинирале 102 пожарникари и двајца полицајци до крајот на јануари, а 330 полицајци биле вакцинирани во покраината Саксонија-Анхалт, како дел од теренското испитување.

Речиси 400 полицајци ја примиле вакцината во Саксонија порано од планираното.

Вакцинацијата била извршена и во Бремен и Хесен, а во повеќето случаи објаснувањето било дека станува збор за вакцина која останала неискористена на крајот на денот.

Дозите, кога се подготвени, мора да се искористат во рок од неколку часа. Кога луѓето ја откажуваат вакцинацијата, тие се обидуваат да ги користат вишокот дози, пишува агенцијата ДПА, нагласувајќи дека дури и во Германија нема правила што точно да се прави во случај на непојавување на закажани пациенти.

makfax.com.mk