logo
logo
logo

Учебната година во Белгија продолжува со најави за штрајкови и протести

Vecer | 06.01.2025

Учебната година во Белгија продолжува со најави за штрајкови и протести

 По божиќните и новогодишните празници учениците во Белгија од денеска се враќаат во училишните клупи, но второто полугодие започнува со најави за штрајкови на наставниот кадар во средните и основните училишта во кои наставата се одвива на француски јазик.  

Според синдикатите на образованието, до крајот на месецов се планирани дводневен штрајк и серија протестни акции, што се очекува да донесе социјално турбулентен јануари во белгискиот образовен систем. 

Целта на овие протести е да се изрази незадоволство од најавите на новите влади во франкофонскиот регион Валонија и во Брисел за планови за штедење и за реформи во образованието. Според синдикатите, со мерките за штедење во прашање се доведуваат околу 500 работни места. 

Заедничкиот синдикален фронт на наставниците кон крајот на ноември веќе организираше демонстрации поради мерките на штедење со кои се предвидени помалку средства за техничкото и стручното образование.  

Но, властите не отстапија пред синдикалните барање, па сега синдикатите најавуваат генерален штрајк во образованието за 27 и 28 јануари. Предвидено е во текот на двата дена од штрајкот на 27 јануари да се одржат улични протести во Брисел, што ќе започнат некаде пред пладне, а за следниот ден се предвидени демонстрации на повеќе различни места. 

По повеќе години ова би било прв прекин на работата на наставниот кадар во Валонија и Брисел, што би траел подолго од 24 часа. 

Овој дводневен генерален штрајк треба да претставува само кулминација протестите, по повеќето протестни акции што се предвидени да почнат следната недела. 

Генералниот секретар на Конфедерацијата на христијански синдикати - Образование (ЦСЦ-Е), Ролан Лаје за весникот „Соар“ изјави дека целта на протестите е да и укажат на јавноста за „загубите на работни места што ќе ги предизвикаат овие заштеди“, најавувајќи дека првата протестна акција ќе се одржи на 15 јануари. 

По ова од 20 јануари се планирани и други активности за „подигање на свеста“ на јавноста за планираните реформи во образованието и со барање во иднина сите наставници да добиваат договори за работа на неопределено време. 

Најавите за нови мерки за штедење и реформи, дополнително го зголемија незадоволството на наставниот кадар, кој во претходните шест месеци одржа повеќе протести изразувајќи незадоволство од „Пактот за извонредност“, сеопфатен пакет на реформи во образовниот систем што треба етапно да се спроведат до 2030 година, како и од новата процедура за евалуација на наставниците. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk