Снимател на АФП денеска видел мала група рудари со шлемови како седат околу оган пред рудник во Чајирхан, во близина на градот Налихан. Пристапот до рудникот е блокиран, пренсе Хаберлер.
„Рударите се загрижени за својата иднина, безбедноста на работното место и условите за работа“, рече Талих Кочабијик, претставник на синдикатот „Маден-Ис“.
Рударите, кои се повлекоа во рудникот на длабочина од 300 метри, се закануваат дека ќе започнат штрајк со глад доколку не се прекине приватизацијата на рудникот и електраната во Чајирхан.
„Се трудиме да си го заштитиме лебот. Ќе одиме до крај“, рече еден од рударите, Осман Казан.
Турција, која сè уште е во голема мера зависна од својот јаглен, беше длабоко погодена од несреќата во рудникот Сома во западниот дел на земјата во 2014 година, кога 301 рудар загинаа по експлозија и пожар што предизвика уривање на рудникот. Рудникот беше приватизиран во 2005 година. Оттогаш, во турските рудници се случија неколку фатални несреќи.
Рударите вчера беа поддржани од лидерот на најголемата турска опозициска партија ЦХП (Социјалдемократи) Озгур Озел и нивниот градоначалник на Анкара Мансур Јавас.
„По приватизациите има отпуштања, притисок врз производството и загриженост за безбедноста на работните места... Затоа се спротивставуваме на таа приватизација“, рече Озел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата