Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, најави дека во понеделник ќе бидат испратени предупредувачки писма за воведување нови царински мерки за 12 држави како дел од новата стратегија за трговски преговори. Понудата што им била доставена се темели на принципот „земи или остави“, при што, доколку не се постигне договор до 9 јули, новите царини ќе стапат на сила од 1 август.
Иако не се објавени сите земји кои се опфатени, познато е дека и Македонија се наоѓа меѓу нив, со потенцијал за 33% царинска стапка за извоз на македонски производи во САД.
Во услови на засилени напори за дипломатски решенија, македонската влада одлучи да ги укине царините за увоз на стоки од САД, а во Вашингтон беше организирана средба меѓу македонскиот министер за надворешни работи и американскиот државен секретар Марко Рубио.
Досега, најавените дополнителни царини се во мирување – тие се суспендирани на 90 денa. Овој рок истекува на 9 јули, по што се очекува одлука за понатамошните трговски односи.
Според досегашните информации, САД успеаја да постигнат трговски договори само со Обединетото Кралство и Виетнам, додека разговорите со Европската Унија и Индија засега не доведоа до резултати. Белата куќа ја замени досегашната пракса на долготрајни преговори со ултимативни и итни понуди – земјите кои нема да прифатат нови услови до зададениот рок би можеле да се соочат со царини дури до 70%.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата