Во говорот пред Белата куќа, Трамп рече дека иранскиот предлог за постигнување мир е значаен, но не доволно добар, објави Ројтерс.
Порано денес, во одговор доставен до Пакистан, на предлогот на Соединетите Американски Држави за прекин на војната, Техеран ја отфрли можноста за прекин на огнот и ја нагласи потребата од „траен крај на војната, со почитување на позициите на Иран“.
Во одговорот од 10 точки се наведени голем број барања на Техеран, вклучувајќи прекин на конфликтите во регионот, воспоставување протокол за безбеден премин низ Ормутскиот теснец и враќање и укинување на санкциите, објави иранската новинска агенција ИРНА на својот канал Телеграм.
Аксиос претходно објави, повикувајќи се на американски, израелски и регионални извори, дека САД, Иран и регионалните медијатори разговараат за потенцијален 45-дневен прекин на огнот како дел од двофазен договор што би можел да доведе до траен крај на војната.
Трамп во неделата изјави дека САД ќе ги нападнат иранските електрани и мостови во вторник во 20:00 часот по источно време доколку не се постигне договор и Иран не го отвори Ормутскиот теснец.
Во објава на социјалните мрежи, Трамп, исто така, се закани дека ќе ја уништи клучната инфраструктура на Иран, вклучувајќи ги електраните и мостовите, без да го прецизира обемот на можните напади.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата