„Изгледа дека имаме договор за Газа и ќе ве известиме. Мислам дека тоа е договор што ќе ги врати заложниците. Тоа ќе биде договор што ќе ја заврши војната“, изјави Трамп пред новинарите додека ја напушташе Белата куќа.
Потоа тој повтори дека верува оти е постигнат договор.
Трамп претходно оваа недела откри иницијатива од 21 точка за завршување на војната во Газа.
Планот, кој беше презентиран на состанок на маргините на Генералното собрание на ОН оваа недела, се темели на најновиот предлог за прекин на огнот што го изнесе претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, објави „Фајненшл тајмс“.
Вклучува детали за тоа кој ќе ја води и обезбедува енклавата по завршувањето на конфликтот, со меѓународно тело за следење што ќе го надгледува палестинскиот комитет што ќе ја води Газа во меѓувреме, според извори запознаени со планот. Израелските сили ќе се прераспоредат на позициите што ги држеа за време на привремениот прекин на огнот помеѓу јануари и март и целосно ќе се повлечат од Појасот Газа откако ќе бидат распоредени силите за стабилизација, велат изворите. Хамас нема да има никаква улога во управувањето.
Планот, исто така, предвидува дека нема да има присилно раселување на жителите на Газа. Главниот безбедносен елемент на планот би се потпирал на стабилизациските сили, кои се очекува да ги обезбедат арапските и муслиманските држави, објави FT.
Според предлозите, планот има за цел да постигне траен прекин на непријателствата меѓу Израел и Хамас и ослободување на сите заложници, вклучувајќи околу 20 за кои се верува дека се уште се живи, со групно ослободување на почетокот на спроведувањето на планот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата