Доналд Трамп повторно се претставува како искусен мировен преговарач, откако, според неговите зборови, посредувал при мировниот договор меѓу Тајланд и Камбоџа.
Во разговор со новинарите во Шкотска, заедно со британскиот премиер Кијр Стармер, Трамп гордо зборуваше за својот придонес:
Тоа требаше да биде многу лоша војна. Почестени сме што бевме вклучени и во основа конфликтот е завршен. Очекувам денес да се финализира. Се случуваше неколку дена — а можеше да трае со години. Милиони луѓе можеа да настрадаат. Го запревме конфликтот и среќни сме поради тоа.

Двете југоисточни азиски држави се договорија за „итен и безусловен“ прекин на огнот, кој прекина неколкудневни судири долж заедничката граница, во кои загинаа десетици луѓе од минатиот четврток.
Од Белата куќа известија дека истовремено со настаните веќе се воделе трговски преговори со двете земји. Трамп изјави дека брзото смирување на состојбата се должи на неговата закана дека трговските договори ќе бидат прекинати доколку не се постигне мир.
Премиерите на Тајланд и Камбоџа јавно му се заблагодарија на Трамп на заедничката прес-конференција.
Запрашан од шкотските новинари за состојбата меѓу Израел и Газа, Трамп изјави дека неговата администрација откако ја презела функцијата, спречила дури шест „големи војни“ во светот.
Имаме низа прекини на огнот. Да не бев јас тука, ќе имаше шест големи војни во светот сега," потенцираше тој. "Направивме многу, тоа е голема чест. За мене не е тешко, користам комбинација од познанства — некаде слаби, некаде силни. Запревме многу војни.
Се смета дека Трамп се повика на своите досегашни договори за прекин на огнот меѓу Индија и Пакистан, Руанда и Демократска Република Конго, меѓу Израел и Иран, како и првиот мандат каде што договараше мир меѓу Србија и Косово и ги промовираше Абрахам договорите. Спомената е и неговата улога во разговорите меѓу Египет и Етиопија околу изградбата на Големата Етиопска Ренесансна брана на Нил, иако таму немаше постигнато официјален договор, а тензиите остануваат.
Трамп очигледно ја капитализира најновата победа, притискајќи го Кремљ да се согласи на мировни разговори. Тој најави дека рокот од 50 дена даден на Русија да ги прекине борбените дејствија во Украина го крател, нагласувајќи дека „новиот рок е околу 10 или 12 дена од 28 јули.“

Ја скратувам траекторијата од 50 дена која ја дадов, бидејќи мислам дека веќе го знам одговорот што ќе се случи. Веќе не сум премногу заинтересиран да разговарам.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата