Повеќе од еден милион луѓе се евакуирани во источна Кина, откако моќниот тајфун „Дуфин“ стигна до копното, носејќи ветрови со брзина до 150 километри на час. Тајфунот прво го погоди Јухуан во провинцијата Жеџијанг, а околу еден час подоцна стигна и до градот Венжоу.
Невремето предизвика сериозни нарушувања во сообраќајот низ регионот, а само во Шангај се откажани околу 1.400 летови. Кинеските власти претходно го подигнаа предупредувањето на највисоко, црвено ниво, додека стотици илјади граѓани беа евакуирани од загрозените подрачја.
„Дуфин“ зад себе остави пат долг околу 6.000 километри, а според кинеските власти се карактеризира со огромен систем на циркулација и интензивни врнежи. Предупредувањето подоцна беше намалено од највисоко ниво на предупредување за тропска бура, пренесе BBC.
Тајфунот се движи кон внатрешноста на Кина, а властите и натаму предупредуваат на поројни дождови, силни поплави и опасност од одрони и свлечишта, кои се очекуваат до среда. Обилни врнежи во понеделник се прогнозирани во провинциите Шандонг, Хенан, Хубеи, Анхуи, Џиангсу, Жеџијанг и во градот Шангај.
Локалните власти ги повикаа граѓаните да избегнуваат активности на отворено, додека неколку туристички атракции се затворени, меѓу кои и делови од Дизниленд и Леголенд. Во крајбрежната провинција Фуџијан, поморските власти прекинаа десетици патнички траектни линии и запреа повеќе од 100 градежни проекти на море.
Неколку кинески државни медиуми објавија дека деветгодишно момче од Венлинг, во провинцијата Жеџијанг, исчезнало откако го однеле морските бранови. Кинеските власти засега немаат пријавено жртви.

Во меѓувреме, на интернет почнаа брзо да се шират дезинформации поврзани со невремето, поради што две лица се приведени за ширење таква содржина. Едниот, 60-годишен маж, направил лажна снимка со помош на вештачка интелигенција, во која се тврдело дека лице во Шангај паднало од зграда за време на невремето.

Другиот, 32-годишен маж, изменувал снимки од невремето што претходно ги објавиле други корисници, на начин кој властите го оцениле како измамнички, пренесува Би-би-си.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата