Иранските власти најавуваат забрзани судски постапки и смртни пресуди за уапсените демонстранти чиј број според надворешните набљудувачи се проценува на над 18 илјади. Се уште е нејасно дали судењата би биле јавни, но шефот на иранското судство Голамхосеин Мохсени посочи дека целта е да се има итен ефект врз населението за да се спречат дополнителни демонстрации во земјата.
-Ако некој изгорел, обезглавил и запалил друго лице, тогаш мораме многу брзо да ја завршиме нашата задача. Ако нашата работа се одложи, тогаш е можно истите мерки што ги преземаме денес да немаат ист ефект два месеци подоцна. Ако преземеме нешто денес, ефектот ќе биде различен отколку за два месеци,- - Голамхосеин Мохсени Еџеи- Шеф на иранското судство.

Пораката на Мохсени доаѓа откако претходно официјален Техеран ги предупреди земјите од регионот дека во случај на американски напад врз Иран, како акт на одмазда ќе ги нападне американските воени бази на нивните територии. Американскиот претседател Трамп пак, кој изминатиот период отворено калкулира со воена интервенција, најави дека евентуални егзекуции на демонстранти со сигурност ќе наидат на одговор од Соединетите Држави. Иако не прецизираше каква форма би имал потенцијалниот американски одговор, сепак тој јавно ги охрабри демонстраните да истраат во протестите и испрати порака дека „помошта е на пат“.

-Не сум слушнал за бесење, ако го обесат, ќе видите работи кои, не знам од каде доаѓате и какви мисловни процеси имате, но ќе бидете среќни. / Што мислите со тоа? Ќе преземеме многу силна акција ако направат такво нешто. Ќе преземеме многу силна акција./ Едно е да имате протести, но кога ќе почнат да убиваат илјадници луѓе, а сега ми велите дека ќе има бесења, ќе видиме како ќе излезе тоа за нив. Но, нема да биде добро, - Доналд Трамп – Претседател на САД.
Официјални бројки на загинати во неколку три неделните демонстрации нема, но тие според американската организација за човекови права надминува две и пол илјади, иако има и информации за над 10 илјади жртви. Од земјата која речиси цела недела е без интернет и со ограничени телекомуникации, постепено излегуваат видеа од преполни мртовечници. Протестите кои почнаа кон крајот на декември поради економската криза важат за еден од најголемите предизвици на актуелниот режим откако дојде на власт за време на исламската револуција во 1979 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата