logo
logo
logo

Столтенберг: Во моментов нема непосредна воена закана од Русија врз некоја членка на НАТО

Vecer | 10.07.2024

Столтенберг: Во моментов нема непосредна воена закана од Русија врз некоја членка на НАТО

 Во моментов не гледаме непосредни воени закани по кој било сојузник на НАТО од страна на Русија, бидејќи таа во моментов е целосно преокупирана со војната против Украина, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг пред почетокот на работниот дел од Самитот на Пактот во Вашингтон. 

- Не гледаме непосредна воена закана врз некој сојузник на НАТО, но гледаме константна закана од кибер напади, саботажи и различни непријателски активности врз сојузниците. Сепак мора да биде претпазливи и внимателно да следиме што прави Русија, истакна Столтенберг. 

За таа цел, според него, многу сојузници инвестираат во модерни одбранбени капацитети, што го прави НАТО посилен, а земјите членки побезбедни.  

Во одговор на новинарско прашања за можното намалување на поддршката за Алијансата од Вашингтон, доколку Доналд Трамп биде избран за американски претседател во ноември, Столтенберг нагласи дека очекува и по американските претседателски избори без разлика од нивниот исход, САД да останат силен сојузник во НАТО. 

- Прво, затоа што безбедносен интерес на САД е силен НАТО. НАТО е важен за Европа, но исто така е важен и за САД и ги прави посилни и побезбедни. Второ, затоа што во САД постои голема поддршка за НАТО. Последните анкети на јавното мислење покажуваат голема поддршка за НАТО во јавноста, но и во Конгресот, додаде Столтенберг.  

Тој потенцира дека претходно дадените изјави и критики на Трамп не беа насочени против НАТО, туку се однесуваа на недоволното издвојување на некои европски земји членки за потребите на одбраната, но дека сега таа состојба е променета и оваа година рекорден број сојузници го достигнаа нивото да одделат средства од своите буџети за одбранбени трошоци во износ од два отсто од нивниот БДП. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk