logo
logo
logo

Столтенберг: Нема одржлива безбедност во Европа без стабилна Украина

Vecer | 19.09.2024

Столтенберг: Нема одржлива безбедност во Европа без стабилна Украина

„Сите сакаме оваа војна да заврши. Најбрзиот начин да ја завршиме е да ја изгубиме. Но, тоа нема да донесе мир. Тоа ќе донесе руска окупација“, рече Столтенберг.

„Рускиот претседател Владимир Путин верува дека може да ги постигне своите цели на бојното поле, изјави Јенс Столтенберг, додавајќи дека со давање оружје на Украина, Путин може да го натера да разбере дека не може со сила да го добие она што го сака.

„Парадоксот е во тоа што колку повеќе оружје можеме да ѝ испорачаме на Украина, толку е поголема веројатноста да постигнеме мир и да ја завршиме војната. И колку е поверодостојна нашата долгорочна воена поддршка, толку побрзо ќе заврши војната“, рече Столтенберг во говорот на настан организиран од Германскиот Маршалов фонд.

Тој го поддржа и предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, посочувајќи дека е неопходно Русија да учествува во следните мировни преговори и дека секој договор мора да вклучува западна воена поддршка за Украина и безбедносни гаранции, објавено е на веб-страницата на НАТО.

Столтенберг порача дека не може да има мир во Европа без стабилна Украина, посочувајќи дека таа земја има место во НАТО.

„Не може да има одржлива безбедност во Европа без стабилна Украина. И нема трајна безбедност на Украина без членство во НАТО. Вратата на НАТО е отворена. Украина ќе се приклучи“, рече тој.

Столтенберг предупреди дека Русија користи гас како оружје во обид да го уценува НАТО и да ги спречи сојузниците да ја поддржат Украина и дека Алијансата не смее да ја направи истата грешка со Кина.

Тој посочи дека зависноста на Западот од кинеските минерали и извозот на напредни технологии во таа земја ја ослабува решителноста на Алијансата и создава ризици.

„Се разбира, ќе продолжиме да соработуваме со Кина. Но, не смееме да разменуваме краткорочни економски интереси за долгорочни безбедносни потреби“, рече тој.

Истовремено, тој предупреди дека безбедноста не може да биде изговор за воведување протекционистички мерки против сојузниците, велејќи дека е важно да се зачуваат отворените економски односи меѓу земјите-членки на НАТО и сојузниците.

Столтенберг се осврна и на земјите кои се приклучија на Алијансата откако тој ја презеде функцијата генерален секретар во 2014 година, како и на предизвиците со кои се соочува НАТО оттогаш.

„Црна Гора, Македонија, Финска и Шведска се приклучија на нашата Алијанса. И Украина е поблиску до НАТО од кога било досега. Видовме илегална анексија на Крим од страна на Русија, подемот на ИСИС, целосната инвазија на Русија на Украина, зголемената конкуренција со Кина, пандемијата на Ковид-19, сајбер нападите и зголеменото влијание на климатските промени врз нашата безбедност. Списокот продолжува“, рече тој.

Генералниот секретар во заминување предупреди и за трошоците за долгите војни, земајќи го како пример повлекувањето од Авганистан по 20 години обиди да се „изгради нација“.

Како заклучок, Столтелберг предупреди на изолационистичките политики, посочувајќи дека сојузот меѓу Европа и Северна Америка е избор, а не гаранција.

„Безбедносните предизвици се преголеми, а конкуренцијата е премногу жестока за која било земја да се справи сама.“

„Инвестирањето во трансатлантските односи е единствениот победнички пат напред. Европејците мора да разберат дека без НАТО нема безбедност во Европа“, рече Столтенберг.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk