Ен-Софи Оркилд Којман (20) и нејзината пријателка Фреја Венервалд (21) наводно испиле затруен пијалок и повраќале крв дури 13 часа пред да умрат.
Пријателките биле на патување од соништата низ Југоисточна Азија, објави Дејли Меил. Тие се меѓу шесте туристи кои загинаа во последните недели по посетата на Ванг Виенг, Лаос.
Се верува дека девојките умреле откако испиле алкохолни пијалоци прелиени со метанол - смртоносна хемикалија која понекогаш им се служи на туристите наместо етанол.
Меѓу загинатите по трагичното масовно труење што се случи околу 12 ноември е и една Британка. Ен-Софи и Фреја, по потекло од Роскилде, западно од Копенхаген, биле страствени патнички. Тие ги посетиле Италија и Унгарија минатата година пред да заштедат за патување во Азија. По пристигнувањето во Лаос, го резервирале хостелот Nana Backpackers.
Недолго откако на девојките од Данска им се слошило, маж кој имал заеднички пријател со нив објавил итно предупредување на интернет за другите патници.
„Последниве неколку дена бев зафатен со еден белгиски пријател барајќи две девојки со кои патуваше. Повеќе од 72 часа не можеше да се оствари никаков контакт додека се договорија да се сретнат во Ванг Виенг. Чудната работа беше што нивната последна порака беше дека и двете повраќале крв 13 часа... Оттогаш и двете починале“, напиша тој.
Според извештаите на медиумите, девојките се напиле во барот на хостелот пред да одат во други локални барови на 12 ноември. Во хостелот се вратиле околу полноќ, а следниот ден го поминале во бањата. На крајот, на 13 ноември околу 18 часот биле пронајдени во бессознание на подот во бањата.
Девојките биле пренесени во болница и двете биле во кома. Тие биле прогласени за мртви на 14 ноември. Владата на Лаос соопшти дека е длабоко тажна поради смртта на туристките и дека го истражува наводното масовно труење.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата