logo
logo
logo

Следното поглавје на Европа: Екипата на фон дер Лајен за новиот мандат на Комисијата

Vecer | 21.09.2024

Следното поглавје на Европа: Екипата на фон дер Лајен за новиот мандат на Комисијата

ЕНР - Брисел

21 септември 2024

Урсула фон дер Лајен ги претстави своите кандидати за идната Европска Комисија. Иако има многу жени на високи позиции, таа не ја исполни својата цел за родов паритет. 

После недели шпекулации на социјалните медиуми и тајни преговори, во вторник претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, го претстави нејзиниот тим на еврокомесари. Следниот чекор во процесот на одобрување на комесарите се сослушувањата на номинираните комесари во Европскиот парламент. 

Во својата работа новата Европска Комисија (2024-2029) првенствено ќе се фокусира на безбедноста и конкурентност, а не на заштита на климата. Во врска со персоналниот состав, назначувањето на десничарскиот популист Рафаеле Фито, член на Браќата на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони, за потпретседател е особено спорно. 

Пред пет години, фокусот беше јасен. - Претходниот пат, прашањето за глобално затоплување беше на врвот, рече фон дер Лајен, додавајќи дека темата е се уште доминантна поради пожарите и поплавите. - Но овој пат, на пример, темата за безбедност, поттикната од руската војна во Украина, но и онаа за конкурентноста, имаат многу поголемо влијание, изјави фон дер Лајен во врска со новата организација на Комисијата. Новиот тим треба да работи на „пофлуиден и попреплетен“ начин така што ќе придонесува до главните цели за „просперитет, безбедност и демократија“. 

Новата стратегија исто така се гледа и со новосоздадената функција на еврокомесар за безбедност, на чие место е назначен поранешниот премиер на Литванија, Андриус Кубилиус-од земја која граничи во Русија. - Тој ќе работи на развивање на Европската одбранбена унија и зајакнување на нашите инвестиции и индустриски капацитети. истакна фон дер Лајен. 

На социјалните медиуми и зад затворени врати со недели се шпекулираше кој ќе го преземе кој ресор. Фон дер Лајен назначи многу жени на високите позиции во новата Комисија. Таа им даде привлечни портфолија на земјите кои го испочитуваа нејзиното барање да ги заменат машките кандидати со жени, како на пример ресорот за проширување на Словенката Марта Кос или позицијата извршен потпретседател на Романката Роксана Манзату. 

Дополнително, четири од шесте високи позиции на извршени потпретседатели ќе ги преземат жени – Шпанката Тереса Рибера, Финката Хена Виркунен, Естонката Каја Калас и Романката Роксана Манзату. Останатите две позиции се дадени на мажи – Французинот Стефан Сежурне и контроверзниот Италијанец Рафаеле Фито. 

И покрај напорите, Фон дер Лајен не успеа да ја оствари својата цел за родов паритет. Таа објасни дека 40 проценти од новата комисија ќе бидат жени, а 60 проценти мажи. Според неа, лидерите на државите и владите првично предложиле речиси 80 проценти мажи. - Тоа беше неприфатливо, рече фон дер Лајен. 

Европската комисија, законодавно тело со речиси 32.000 вработени, предлага закони за Унијата и ја надгледува усогласеноста со законите на ЕУ. Колеџот на комесари, кој се состои од 27 члена од 27-те земји членки на ЕУ, ја координира работата на целата Комисија. 

Критики за назначувањето на Фито 

Едно име меѓу кандидатите за еврокомесари го вклучи алармот уште пред презентацијата. Италијанскиот десничарски популист Рафаеле Фито, министер за Европа во Владата на премиерката Џорџа Мелони, сега ќе стане еден од извршените потпретседатели и еврокомесар за кохезија и реформи. Со тоа ќе биде одговорен со Европскиот социјален фонд и Фондот за регионален развој, меѓу другото. 

- Рафаеле Фито ќе биде одговорен со портфолиото за справување со кохезивната политика, регионалниот развој и градовите, појасни Фон дер Лајен на прес-конференцијата во вторникот. - Ќе се осврнеме на неговото големо искуство за да помогнеме во модернизирање и зајакнување на нашите политики за кохезија, инвестиции и раст, рече Фон дер Лајен и додаде дека „Италија е многу важна држава и тоа мора да се одрази со изборот“. 

Рафаеле Фито рече дека се чувствува почестен откако Урсула фон дер Лајен го назначи во нејзиниот нов тим на еврокомесари во вторникот. - Планирам да ја извршувам улогата која ми е доделена, откако процесот за одобрување на нови комесари ќе заврши, со најголема посветеност и со знаење дека наредните пред години се многу важни за иднината на ЕУ и нејзините граѓани, рече Фито. 

Либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ) во вторникот, изрази незадоволство од номинацијата на Фито. - Ја осудуваме политичката одлука на Фон дер Лајен, Рафаеле Фито да биде назначен извршен потпретседател, изјави лидерката на групата, Валери Ајер. РЕ ќе ги чека сослушувањата во Европскиот парламент. - Ќе го процениме врз основа на неговите квалитети, проевропски обврски, самостојност и усогласување со јулските директиви. Максимално ќе сме посветени на тоа. Про-ЕУ силите мора да се обединат: не треба да оставаме простор за десничарски и левичарски популисти, додаде таа.  

Од групата на Зелените, исто така, најавија дека „нема да му го олеснат патот на Рафаеле Фито“ во Европскиот Парламент. - Фактот дека кандидат од екстремно десничарска Влада е номиниран за потпретседател на Европската Комисија, предизвикува голема загриженост за нашата група, рече заменик претседателот на Зелените. Тери Рајнтке. 

Еврокомесари: 

Тереза Рибера Родригез (Шпанија) - извршна потпретседателка за чиста, праведна и конкурентна транзиција

Хена Виркунен (Финска) - извршна потпретседателка за технологија, суверенитет, безбедност и демократија 

Стефан Сежурне (Франција) - извршен потпретседател за просперитет и индустриска стратегија 

Каја Калас (Естонија) - висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседателка на Европската Комисија 

Роксана Манзату (Романија) - извршна потпретседателка за вештини, образование, култура, квалитетни работни места и социјални права 

Рафаеле Фито (Италија) - извршен потпретседател за кохезија и реформи  

Марош Шефчович (Словачка) - еврокомесар за трговија, економска безбедност, меѓуинституционални односи и транспарентност 

Валдис Домбровскис (Латвија) - еврокомесар за економија, продуктивност, имплементација и поедноставување 

Дубравка Шуица (Хрватска) - еврокомесарка за Медитеранот

Оливер Вархеји (Унгарија) - еврокомесар за здравје и благосостојба на животните 

Вопке Хукстра (Холандија) - еврокомесар за клима, нето нула емисии и чист раст  

Андриус Кубилиус (Литванија) - еврокомесар за одбрана и Вселената 

Марта Кос (Словенија) - еврокомесарка за проширување 

Јозеф Сикела (Чешка) - еврокомесар за меѓународни партнерства  

Костас Кадис (Кипар) - еврокомесар за рибарство и океани 

Марија Луис Албукерке (Портуалија) - еврокомесарка за финансиски услуги, штедење и инвестиции,  

Хаџа Лабиб (Белгија) - еврокомесарка за подготвеност и менаџирање на кризи 

Магнус Брунер (Австрија) - еврокомесар за внатрешни работи и миграција

Јесика Розвол (Шведска) - еврокомесарка за животна средина, отпорност на води и конкурентна циркуларна економија 

Пјотр Серафин (Полска) - еврокомесар за буџет, борба против измами и јавна администрација 

Ден Јоргенсен (Данска) - еврокомесар за енергија и домување

Екатерина Захариева (Бугарија) - еврокомесарка за истражување и иновации 

Мајкл Мекграт (Ирска) - еврокомесар за демократија, правда и владеење на правото 

Апостолос Sиsикостас (Грција) - еврокомесар за одржлив транспорт и туризам 

Кристоф Хансен (Луксембург) - еврокомесар за земјоделство и храна 

Глен Микалеф (Малта) - еврокомесар за меѓугенерациска правичност, култура, млади и спорт 

Реакции на земјите членки на номинациите

АВСТРИЈА: Магнус Брунер, кандидат за комесар за внатрешни работи и миграција изјави: „Ми претставува чест што ми беше доделено портфолиото за внатрешна безбедност и миграција во Европската Комисија од претседателката Урсула фон дер Лајен. Ова поле е значајно за иднината и функционирањето на Европската Унија“. Австрија има заземено јасен став за внатрешната безбедност на Европа и успешно се справува со нелегалната миграција. - Се соочуваме со големи предизвици, но исто така и прилики за зајакнување на вредностите и безбедноста на Европа, рече Брунер. 

БЕЛГИЈА: Хаџа Лабиб го доби ресорот за подготвеност и менаџирање на кризи. Лабиб, која првпат влезе во политика пред две години и веднаш беше назначена за министерка за надворешни работи, ќе има задача да ги предводи европските напори со справувањето со кризи и хуманитарна помош. Таа исто така ќе биде одговорна за еднаквоста. - Нејзиното портфолио е во согласност на нејзината политичка кариера, рече Фон дер Лајен. 

Најчестите реакции во Белгија се дека Лабиб нема да може да има големо политичко влијание со надлежностите кои ѝ се дадени. Тоа е бидејќи земјата чекаше до последната минута да ја номинира за еврокомесар. - Доцнењето и преговарањето и донесоа на Белгија слабо портфолио, појасни Сара Матхју, европратеничка од Зелените. - Време е белгиските политичари да почнат повеќе да ја ценат функцијата еврокомесар, додаде таа. 

БУГАРИЈА: Екатерина Захариева, еврокомесарка за претприемништво, истражување и иновации, нагласи дека нејзиното портфолио е многу важно. Таа ѝ се заблагодари на фон дер Лајен и на бугарската Влада за довербата и додаде дека е свесна за обемот на нејзината одговорност. - Ресорот што го доби Бугарија е едно од портфолијата за иднината. Тоа е многу важно и е основата на сегашната и идната Комисија, изјави таа. 

ЧЕШКА: Чешките европратеници во Стразбур изразуваа и задоволство и разочарување откако Фон дер Лајен ја соопшти нејзината намера да го назначи Чехот Јозеф Сикела за еврокомесар за меѓународни партнерства и развојна помош во новата Европска Комисија. 

Додека политичарите од владиниот камп оценија дека ова е едно од најсилните портфолија на кое некогаш е назначен чешки еврокомесари, но опозициските пратеници сметаат дека енергијата или трговијата се посилни ресори . - Ниту еден чешки комесар досега немал толку силно портфолио, изјави Томас Ждечковски, член на Европска народна партија (ЕПП), говорејќи за одлуката на Фон дер Лајен. Европратеничката комунистка Катерина Конечна, пак, го опиша доделениот ресор како шлаканица за Чешка. - Господин Сикела повторно ќе ја средува валканата работа на Брисел, тоа е нешто што нашата држава е навикната да го прави, рече Конечна. 

ПОРТУГАЛЈА: - Го нагласуваме клучното портфолио доделено на еврокомесарката Марија Луис Албукерке, номинирана од Португалија, потенцира премиерот Луис Монтенегро. Марија Луис Албукерке е назначена за еврокомесарка за финансиски услуги, штедење и инвестиции. - Ова е од суштинско значење за напредокот, одржливоста на социјалниот и економскиот проект на Европа, но и за способноста Унијата да ги задоволи очекувањата, потребите и интересите на европските и португалските граѓани, додаде Монтенегро. 

СЛОВЕНИЈА: На Словенија и беше доделено портфолиото за проширување во новата Европска Комисија, ресор за кој отсекогаш се интересирала. - Портфолиото за проширување е доказ дека Словенија е ценета и почитувана од меѓународната заедница, изјави премиерот Робер Голоб, веднаш по одлуката на фон дер Лајен, опишувајќи го тоа како историско достигнување. 

 - Словенија презема одговорна задача. На Марта Кос и е доделен клучот за одржувањето на стабилноста и мирот во нашето блиско соседство и подалеку и како да се придонесе за стабилизирање на Западниот Балкан и Источното соседство преку европската идеја, додаде Голоб. Министерката за надворешни работи Тања Фајон исто така го поздрави ресорот доделен на Кос. 

ШПАНИЈА: Шпанската Влада реагираше со голем ентузијазам на номинацијата на Тереза Рибера за извршен потпретседател за чиста, праведна и конкурентна транзиција. 

- Ова е голем успех за Шпанија. Тоа е најважното портфолио што Шпанија некогаш го имала во Европската комисија, изјавија владини извори за шпанската новинска агенција ЕФЕ, кои сметаат дека Фон дер Лејен ѝ го дала на шпанската социјалистка „најрелевантниот“ ресор и „ѝ ги доверува клучните политики за структурната трансформација, што ја постави како цел“, врз основа на извештаите подготвени од поранешните италијански премиери Енрико Лета и Марио Драги. 

ШВЕДСКА: Информацијата дека Јесика Розвол ќе биде одговорна за животна средина, отпорност на водите и конкурентна циркуларна економија беше изненадување, бидејќи шведската десничарска влада повеќе се стремеше кон нешто поврзано со продуктивноста или конкурентноста. Зелените и левичарските опозициски партии се прашуваат како Росвал ќе дејствува за да го поддржи, на пример, законот за обновува на природата, чие донесување шведската Влада жестоко и активно се обиде да го спречи. - Се надевам дека таа сериозно ќе ја сфати нова улога и ќе работи за Европа како целина, дури и ако тоа значи да работи против шведската Влада“, рече европратеникот од Зелените, Алис Бах Кунке. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk