logo
logo
logo

Си во посета кај Орбан: Ја прошируваме соработката и на нуклеарната индустрија

Vecer | 09.05.2024

Си во посета кај Орбан: Ја прошируваме соработката и на нуклеарната индустрија

Во време на десничарскиот Орбан, Унгарија стана важен трговски и инвестициски партнер на Кина, за разлика од некои други земји од ЕУ кои размислуваат да станат помалку зависни од втората по големина економија во светот.

Си доцна синоќа пристигна во Будимпешта по посетата на Франција и Србија. Во Париз, претседателот Емануел Макрон и шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го притиснаа да обезбеди порамномерна трговија со Европа и да го искористи своето влијание со Русија за да стави крај на војната во Украина.

По средбата, Си и Орбан рекоа дека нивните земји го подигнале нивото на соработка на „сеопфатно стратешко партнерство“.

„Сметаме дека ова е нова почетна точка за подигање на билатералните односи и прагматичната соработка на повисоко ниво“, рече Си.

Тоа, меѓу другото, значи дека двете земји ја прошируваат соработката и во нуклеарната индустрија, рече Орбан.

Двете земји ќе постигнат напредок и во изградбата на клучните проекти, вклучително и проектот за железница Будимпешта-Белград, рече кинескиот претседател.

Проектот вреден 2,1 милијарда долари, од кој најголемиот дел е финансиран со заем од Кина, е дел од Иницијативата „Појас и пат“, амбициозен план започнат од Си пред една деценија со надеж за изградба на глобална инфраструктура и енергетски мрежи што ќе ја поврзат Азија со Африка и Европа.

Унгарија и Кина, исто така, ќе започнат со подготовки за брза железница што ќе го поврзе центарот на Будимпешта и нејзиниот аеродром, изјавија министрите.

Кина и Унгарија ја слават 75-годишнината од дипломатските односи.

Орбан почна да ја приближува својата земја до Пекинг откако дојде на власт во 2010 година.  

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk