Обвинетите Пол Кампо (61) од Вирџинија, поранешен агент со 25-годишна служба во ДЕА, и Роберт Сенси (75) од Флорида, биле уапсени во тајна операција под прикритие. Тие склучувале договори со таен агент кој се претставувал како претставник на картелот.
Картелот „Халиско – ново поколение“ во февруари беше прогласен за странска терористичка организација од американскиот државен секретар Марко Рубио.
Според обвинението, Кампо и Сенси во изминатата година се договориле да исперат околу 12 милиони долари од профит од дрога и конвертирале приближно 750.000 долари во криптовалута, верувајќи дека средствата одат за картелот. Тие, исто така, обезбедиле средства за набавка на околу 220 килограми кокаин, кој требало да биде дистрибуиран во САД, а од профитот да добијат дел.
Според обвинителството, двајцата изразиле подготвеност да разгледаат набавка на дронови, автоматски пушки АР-15, карабини М4, како и гранатомети и ракетни проектили. Адвокатот на Кампо го оспорува тврдењето дека биле согласни да набавуваат оружје.
Кампо се пофалил со долгогодишното искуство во ДЕА и му понудил на тајниот агент да биде „стратег“ на картелот. Тој работел како агент во Њујорк и напредувал до заменик-шеф на финансиските операции.
Двајцата обвинети остануваат во притвор без право на кауција. Следното рочиште е закажано за 19 декември.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата