Таа ова го изјави во врска со новата Национална стратегија за безбедност на САД, која е силно националистичка и во која се предвидува „цивилизациско пропаѓање“ на Европа.
- Се разбира, има многу критики, но мислам дека некои од нив се оправдани, рече Калас за време на конференцијата „Доха Форум“ во Катар.
- САД остануваат нашиот најголем сојузник. Не секогаш имаме согласност за различни прашања, но мислам дека општиот принцип останува непроменет. Ние сме најголеми сојузници и треба да останеме обединети, додаде таа.
Вчера, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави документ кој ја дефинира „Националната стратегија за безбедност“, во согласност со линијата на Трамп „Америка на прво место“.
Документот остро ги критикува Европејците и ги поддржува тврдењата на крајно десничарските политичари дека Стариот континент се соочува со „цивилизациско бришење“ поради имиграцијата. Исто така, тој ја става под прашање и „бесплодната опсесија со регулаторно задушување“.
Американската стратегија за безбедност, освен тоа, не предвидува проширување на НАТО, со што уште еднаш ги разбива надежите на Украина, која се бори со руската инвазија.
Соединетите Американски Држави се обидуваат да посредуваат во завршувањето на речиси четири-годишната војна на Русија во Украина, цел за која националната безбедносна стратегија вели дека е во витален интерес на Америка. Но, документот јасно става до знаење дека САД сакаат да ги подобрат своите односи со Русија.
Економската стагнација во Европа „е засенета од реалната и поостра перспектива за цивилизациско бришење“, се вели во стратешкиот документ.
САД сугерираат дека Европа е ослабена од нејзините имиграциски политики, намалувањето на наталитетот, „цензурата на слободата на говорот и потиснувањето на политичката опозиција“ и „губењето на националните идентитети и самодовербата“.
- Европа ја потценува својата сила. Во однос на Русија, на пример, треба да имаме повеќе доверба во себе, рече Калас.
- Наметнувањето ограничувања и пречки пред Украина нема да доведе до траен мир, предупреди Калас. - Ако агресијата биде наградена, тоа ќе се случи повторно – не само во Украина или Газа, туку насекаде во светот, заклучи таа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата