logo
logo
logo

САД почнаа преговори за повлекување на 1.000 американски војници од Нигер

Vecer | 23.04.2024

САД почнаа преговори за повлекување на 1.000 американски војници од Нигер

Војниците досега беа во оваа земја за борба против џихадистичките екстремисти во регионот Сахел, на кој му припаѓа Нигер.

Владата на Нигер, која се појави по минатогодишниот државен удар, одлучи минатиот месец да го раскине договорот за воена соработка со САД, соопштувајќи дека присуството на американски војници во Нигер сега е „нелегално“.

Минатата недела Вашингтон конечно се согласи да повлече повеќе од 1.000 војници од земјата и објави дека испраќа делегација во Ниамеј за да се договорат за деталите за повлекувањето.

-Можеме да го потврдиме почетокот на разговорите меѓу САД и Нигер за уредно повлекување на американските сили, рече портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер.

„Мала делегација од Пентагон и американската команда во Африка“ учествува во разговорите, а САД „ќе продолжат да ги истражуваат можните опции за да се осигураат дека секогаш сме способни да се справиме со потенцијалните терористички закани“, додаде Рајдер.

Шефот на дипломатијата на Нигер, Бакари Јау Сангаре, изјави дека денеска имал „разговори“ со американската амбасадорка во Ниамеј, Кетлин Фицгибон, за „прашањето за заминувањето на воените трупи од Нигер“.

Разговорот се одвивал во присуство на Марија Барон, директорка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) во Ниамеј, која изрази уверување дека агенцијата „ќе ја продолжи билатералната соработка“ со Нигер, се наведува во соопштението.

Во Нигер, САД имаат голема база за беспилотни летала во близина на Агадез. Неговата изградба чинела околу 100 милиони долари.

По државниот удар со кој беше соборен избраниот претседател Мохамед Базум, новиот воен режим брзо побара повлекување на трупите од Франција.

Воената хунта политички се зближи со Русија, како и Мали и Буркина Фасо, земји со кои исто така владеат воени хунти. /MИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk