Американските разузнавачки агенции денеска објавија заедничко соопштение во кое ја обвинија Русија за создавање лажно видео на кое се гледа имигрант од Хаити кој тврди дека гласал повеќе пати за време на предвременото гласање во американската сојузна држава Џорџија.
🔥🚨BREAKING: Many undocumented migrants from Haiti arriving in the U.S. this year report obtaining all necessary documentation, including driver's licenses, in just six months.
— 🇺🇸 Larry 🇺🇸 (@LarryDJonesJr) October 31, 2024
Some individuals claim they registered to vote and participated in elections, notably casting their… pic.twitter.com/x5fHNMcnM0
„Ова мислење се заснова на информации со кои располага разузнавачката заедница и претходни активности на други руски актери, вклучително видеа и други активности за дезинформација“, се вели во соопштението на американските агенции.
Соопштението е заеднички објавено од Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ODNI), Федералното биро за истраги (ФБИ) и Агенцијата за сајбер безбедност и инфраструктурна безбедност (CISA).
Џорџија е една од седумте клучни сојузни држави кои се очекува да одлучуваат за резултатите од претседателските избори меѓу републиканецот Доналд Трамп и демократката Камала Харис, пренесува Ројтерс.
Канцеларијата на државниот секретар на Џорџија Бред Рафенспергер вчера го нарече видеото „насочена дезинформација“ и рече дека најверојатно е произведено од „руски фарми за тролови“.
Рафенспергер ги повика компаниите на социјалните мрежи да го отстранат видеото од нивните платформи.
Американската разузнавачка заедница, по неколкумесечно набљудување, оцени дека руските операции кои промовираат поддршка за Трамп биле присутни во изборниот процес, што Москва го негира.
Претседателските избори во САД ќе се одржат во вторник на 5 ноември.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата