„Имам веродостојни информации дека планира да се повлече, веројатно на првиот ден или многу рано во неговата администрација“, рече Лоренс Гостин, професор по глобално здравје на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон и директор на Центарот за национално и глобално право за здравје при СЗО, објави Ројтерс.
„Фајненшл тајмс“ прв ги објави плановите, цитирајќи двајца експерти. Друг експерт, поранешен координатор на Белата куќа за одговор на Ковид-19, Ашиш Џа, не бил веднаш достапен за коментар.
Транзицискиот тим на Доналд Трамп не одговориле веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.
Планот, кој е во согласност со долгогодишната критика на Трамп кон Обединетите нации и СЗО, ќе означи драматичен пресврт во американската глобална здравствена политика и дополнително ќе го изолира Вашингтон од меѓународните напори за борба против пандемијата.
Трамп номинираше неколку критичари на организацијата на врвни позиции во јавното здравство, вклучително и антиваксерот Роберт Ф. Кенеди Џуниор, кој е номиниран за секретар за здравство и човечки услуги. Овој оддел ги надгледува сите големи американски здравствени агенции, вклучувајќи ги ЦДЦ и ФДА.
Во 2020 година, Трамп иницираше едногодишен процес за повлекување од СЗО, но шест месеци подоцна неговиот наследник, претседателот Џо Бајден, ја смени таа одлука.
Трамп тврдеше дека организацијата не ја повикала Кина на одговорност за раното ширење на Ковид-19. Тој постојано ја нарекуваше СЗО марионета на Пекинг и вети дека ќе ги пренасочи американските придонеси кон домашните здравствени иницијативи.
Портпаролот на СЗО одби директно да коментира, но го повика Ројтерс на забелешките на генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус на прес-конференција на 10 декември, кога беше прашан дали е загрижен за можноста администрацијата на Трамп да се повлече од организацијата. Тедрос тогаш рече дека СЗО треба да им даде време и простор на САД за транзицијата. Тој, исто така, изрази уверување дека земјите би можеле да го финализираат договорот за пандемии до мај 2025 година.
Критичарите предупредуваат дека повлекувањето на САД може да го ослабне глобалниот надзор на болести и системите за одговор при итни случаи.
„САД би го изгубиле влијанието и важноста во глобалното здравје, додека Кина би го пополнила тој вакуум. Не можам да замислам свет без силна СЗО, но повлекувањето на САД сериозно ќе ја ослабне оваа организација“, рече Гостин.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата